Во периодот на Студената војна, двете светски велесили (САД и СССР, секако) се наоружуваа како да нема утре. Со атомско оружје се ѕвечкаше како да е играчка, се градеа бункери, ама и неверојатно оружје и воени превозни средства достојни за во научно-фантастичен роман.
Едно од нив е и рускиот екраноплан, во историјата запаметен како „Каспиското чудовиште“. Екранопланите, имено, се превозни средства кои го користат таканаречениот „ground effect“ – летаат, но многу близу до тлото или површината на водата, а слојот од воздух меѓу крилата и тлото драстично го намалува отпорот.
„Каспиското чудовиште“ е дизајнирано во 1964 година од славниот инженер Ростислав Алексејев, нешто што брзо го открила и ЦИА. Тие го снимиле гигантското летало со ознака „KM“ и затоа го нарекле „Kaspian monster“, незнаејќи дека „KM“ всушност е руска ознака за „Korabl maket“ – aka. прототип.
Најголемото летало на светот
Распонот на крилата на мистериозното летало, барем за ЦИА, бил дури 43 метри, а должината на трупот – 92 метри. Со тежина од 550 тона, MD-160 (вистинската ознака) бил машина што втерувала страв во непријателските коски. Во тоа време тоа било најголемото летало на светот, а како што веќе знаеме, големината во Студената војна била важна. Многу важна.
ЦИА била толку исплашена (или еве, загрижена) од рускиот таен проект, што дизајнирале посебни беспилотни летала со единствена цел да го шпионираат неговиот развој.
Таа прва верзија на екранопланот била дизајнирана да лета на 5 до 10 метри над тлото или површината на водата, а ground effect-от ѝ овозможувал да пренесува товар од 137 тони, било во воени трупи, воена опрема, или – нуклеарни глави, пишува Gizmodo.
И покрај џиновските димензии и тежината, MD-160 можел да постигне брзина од дури 740 километри на час. Препорачата брзина му била 430 км/ч.
Не суди по амбалажа
И додека Каспискиот ѕвер имал извонредни карактеристики и делувал мошне опасно на изглед, во пракса – т.е. за воена употреба, бил практично неупотреблив. Маневарските способности му биле очајни, а и најмалото нагло движење би можело да предизвика урнување на леталот, бидејќи поради нискиот лет крилото би го зафатило тлото или површината на водата, а тогаш му немало спас.
Да, поради летот на водата, екранопланот бил недостижна мета за подводните мини и торпеда, ама и без тоа морал секогаш да има наоружана придружба која би се погрижила патот да е чист и совршено прооден. Подоцнежните верзии дури биле наоружани и со ракети, ама екранопланот никогаш не бил доведен до совршенство.
Меѓутоа, Русите одбивале да признаат дека вложуваат грдни пари во промашен концепт, а тестирањата и надоградувањата продолжиле сé до распадот на Советскиот сојуз. По полни 15 години тестирања на Каспиското езеро, се случи и неизбежното – екраноплан се сруши поради пилотска грешка. Остатоците беа претешки за да бидат извлечени од езерото, пишува Wired.
Крај или враќање?
Пропаста на проектот уште долги години се криеше во Русија, а првите фотографии на западот се проширија дури во почетокот на ’90-тите години, кога изворната и џиновска верзија веќе беше одамна во пензија.
На нејзино место неколку години застана Lun – помала верзија на „летечкиот брод“. Руската војска произведе два такви примерока, кои се користеа до ’96-та година, а и денес се закотвени во едно од руските пристаништа, за да потсетуваат на едни други, мегаломански времиња – тие на Студената војна.
Но, од друга страна…
„Сé уште имаме прототип кој е речиси довршен, иако не заживеа. Овојпат ја разгледуваме можноста екранопланот да го прилагодиме на цивилното воздухопловство, но ако биде потребно, многу лесно може да се претвори во воен авион, бидејќи покрај за транспорт на војници и опрема, екранопланот може да служи и во спасувачки акции и борбени мисии“, вели Сергеј Дементјев од Централната дизајнерска канцеларија Aleksejev.