Тетките што плетат стентови

Во Ла Паз во Боливија, стапката на срцеви проблеми е многу повисока отколку во останатите боливиски градови, особено кај децата. До скоро, мајките на овие деца беа прилично беспомошни. Но, нештата се менуваат.

Како што вели педијатарот кардиолог Франз Фреудентал – кој има измислено неинвазивна процедура за санирање на абнормални срцеви отвори со помош на специјални медицински направи налик на стентови, не постои машина во светот што може да ги сплете овие мали, комплексни и деликатни направи од една жица.

За среќа, тој живее во Боливија.

60-70% од Боливијците влечат корени од домородниот народ Ајмара. А жените од овој народ имаат долга и карактеристична традиција на плетење. Многу од денешните жени во Боливија ја имаат научено таа техника од своите баби. Тоа им е во крвта, вели кардиологот.

Па така, Фреудентал сметал дека тој и плетачките од Боливија ќе бидат совршен тим кој ќе работи на производството на овие спасоносни направи. И со право. Денес, заедно со техничките познавања на тим од инженери, со нивната направа успеваат да третираат околу 60% од заболувањата на срце, без отворена операција.

За плетење на малите „стентови“ се потребни околу 3 часа. За поголемите – и до ден и пол. Изработката на овие направи, секако, подразбира многу трпение и грижливост, а таква не би била можна без да се има љубов кон плетењето. За среќа, тоа не им недостига на жените од Ла Паз, кои од беспомошни мајки станаа заткулисни уметници чии плетки спасуваат животи – не само на нивните деца, туку и на уште 50.000 пациенти третирани досега. Што ќе рече еден добар наслов на темава, теткиве буквално си го плетат патот до туѓите срца.

 

- Реклама -