Денес ни просјаците не се тоа што беа. На толку измамници веќе не си сигурен дали помагаш или те насамаруваат. Само едно е сигурно – дека не секој што се претставува како просјак е за жалење, особено не во Дубаи, или еве, во Шведска.
Во Шведска е уапсен 55-годишен просјак кому во џебовите од јакната му се најдени околу 6 милиони шведски круни (над 750.000 долари, т.е. околу 530.000 британски фунти). Бил уапсен откако им се заканувал на луѓе кои не сакале да му дадат пари на железничката станица во Упсала.
Носел толку многу кеш, што кога полицијата почнала да го претресува, парите почнале да му паѓаат од џебовите. Полицајците велат дека никогаш во кариерата немаат видено ништо слично. Плус, секој што носи толку 6 милиони круни во кеш по дифолт би бил осомничен за криминал, истакнуваат.
Со оглед дека банкнота со најголема вредност во Шведска е таа од 1.000 круни, тоа значи дека чоекот носел најмалку 6.000 банкноти, под услов сите да биле илјадарки. На полицијата ѝ требало повеќе од еден ден за да ги преброи.
Според полицијата на Упсала, просјакот „заработувал“ така што од луѓето барал ситни пари за наводно да може да си купи карта за воз/автобус и да замине на западот на Шведска. Тоа веројатно нема да се случи, делумно зашто во моментов е уапсен под обвинение за перење пари. Обвинителите ќе решаваат дали да го ослободат или да оди на судење.
Сé уште не е познато како дошол до 6-те милиони круни – дали со просење, или добил на лото, или можеби по пат на кримина (ако се работело за последново веројатно немало да ризикува да привлекува внимание). Ако го осудат за перење пари, го чекаат максимум две години затвор.