Во Венецуела парите ги користат за оригами, до толку се безвредни

Како последица на хиперинфлацијата, сега на улиците на Венецуела често ќе најдете новопечени улични продавачи кои продаваат свои ракотворби. Од што им се направени ракотворбите? Од пари.

Инфлацијата во јужноамериканската земја е толку висока, што цените се дуплираат на секои 35 дена. Венецуелскиот боливар, како што пишува Wall Street Journal, изгуби запрепастувачки 98% од својата вредност во однос на доларот.

Моментално на црниот пазар во земјата со 1 американски долар можете да купите 236.000 боливари. Со таа сума пред пет години во Венецуела можевте да купите еден солиден помал стан. Сега одвај еден оброк.

За тоа колку е очајна ситуацијата сведочи примерот на Вилмер Ројас. Тој има 25 години и е татко на три деца. Парите ги користи за да изработува чанти (на сликата), паричници, шапки и кошници – сé тоа од венецуелски банкноти. За изработка на таков предмет му се потребни стотици боливари, но потоа ракотворбите ги продава за стотици илјади боливари – доволни за да купи малку храна и намирници.

Во меѓувреме, дизајнерот Хозе Леон, 26-годишен, ги користи банкнотите како платно за да црта Star Wars фигури. Потоа ги продава како уметност, главно на странски купувачи кои знаат да му платат и до 20 долари.

 

Во превод, со користење на венецуелските банкноти како потрошен материјал, можете да им ја зголемите вредноста и за 5.000%. До толку е лошо.

 

- Реклама -