Ако му веруваме на Hassan Firouzabadi – висок ирански воен службеник и советник на иранскиот врховен лидер – ајатолахот Али Хамени, разузнавачите од Западот користеле гуштери за собирање на информации околу нуклеарната програма на Иран. За „специјалните гуштери“ дознал пред неколку години.
Вели дека не е запознаен со деталите, но истакнува дека Западот често користел туристи, научници и борци за заштита на животната средина за да го шпионира Иран.
„Пред неколку години, во Иран имаше дојдено странци во хуманитарна мисија. Нивната рута ни беше сомнителна, па ги следевме и откривме дека имаат донесено неколку вида рептили, како гуштери и камелеони.
Дознавме дека нивната кожа привлекува радијација, и дека тие всушност се ‘нуклеарни шпиони’ од кои се очекува да ги откријат рудниците на уран“, тврди Хасан. Сепак, истакнува тој, западните разузнавачки агенции доживеале целосен неуспех во Иран.