Малку по малку, ние луѓето полека се претвораме во панди

Во зоолошката Beauval во централна Франција, посетителите секој ден чекаат во редици за да добијат можност да му се восхитуваат на Неговото височество Јуан Менг. Раѓањето на пандата, на 4 август 2017 година, го следеа 26 милиони луѓе на социјалните мрежи. Животното беше крстено со голема помпа, и тоа од првата дама на Франција – Брижит Макрон. На церемонијата присуствуваа и кинески официјални лица. За сето тоа време, малиот принц главно дремеше, тотално рамнодушен кон сé што се случуваше околу него.

А Јуан Менг не е исклучок. Во Вашингтон пандите Линг-Линг и Хсинг-Хсинг го правеа потполно истото, пред очите на 60 милиони посетители, сé до нивната смрт во 1992 и 1999 година. Истото го прават и пандите ширум светот.

А и покрај тоа, слободно може да се заклучи дека денес пандите се предмет на обожавање на глобален култ. Година по година, слики од панди се појавуваат насекаде, од логото на WWF (Меѓународен фунд за заштита на животните) па до видео игри, анимирани и цртани филмови. Еден од најпопуларните модели на Fiat го носи баш името Panda. A во биологијата, палецот на пандата станува симбол на еволуцијата на видовите. Можеме вака до бескрај…

Но зошто вакво сеприсутно обожување?

На прв поглед, вниманието што овие смешни црно-бели животни го привлекуваат изгледа лесно разбирливо. Изгледаат како плишани играчки, претставници се на загрозен вид и подразбираат потреба од поддршка. Во меѓувреме се и инструмент на кинеската дипломатија, па се и нашироко почитувани.

Но можеби зад сето тоа се крие уште нешто. За навистина да се разбере чудниот култ на пандаманијата, можеби треба да ја погледнеме како симптом, како за хинт за нешто што се одвива пред нашите носеви, но сепак скоро и да не го забележуваме.

Но што би било тоа?

Прво, пандаманијата ни ја покажува сериозната промена во перспективата која ја имаме кон природата и животот. Сетете се на животните кои доминираа во општественото спознание во минатото – лав, волк, мечки… Тие животни се предатори, а пандата е вегетаријанец. Силните животни беа закана од која се плашевме. Безопасната панда сама по себе е загрозена и наша обврска како луѓе е да ја зачуваме.

Предаторите од попримитивните времиња се страшни. „Памучно меката“ мечка е слатка и сакаш да ја играш.

Наместо да се плашат од големиот лош волк, децата со задоволство ја гушкаат пандата. Од ужасните ѕверови преминавме кон симпатично животно, а од страв за сопствениот живот – кон зачувување на туѓиот. Природата веќе не е иста, а со неа и човекот.

Култот кон пандата, штом го погледнеме како симптом, почнува да ни ги открива промените во нашето сфаќање на тоа што нé опкружува

Но тоа е само едната страна на паричката. Нашата глорификација на пандите исто така можеби укажува и на некои наши преференци за нешта кои ги сметаме како прекрасни, а во суштина можеби воопшто не се добри. Зборуваме за карактерот на пандите – ако сме искрени, слатките плишани топки не само што по ништо не се извонредни, туку се и проклето досадни.

Американскиот новинар Дејвид Плоц поминал неколку години со ред ја посетувал гореспоменатата двојка панди во Вашингтон, за на крајот да ги карактеризира како досадни и рамнодушни кон сите случувања. За него лично, идејата дека пандите се слатки не може да биде поапсурдна.

Пандите по природа не се лоши, туку „никакви“, безлични – ќе рече Плоц

Гледајте ја сликава 1 минута…   … Ете, исто ко да сте виделе панда во живо.

Можеби таквиот став е малку престрог, но да ги видиме фактите: Пандите поминуваат по околу 14 часа на ден џвакајќи бамбус и без речиси никакво активно движење. Во многу ретки случаи (прочитајте колку ретки во „Аирлија, ПАНДА секс!“), само пар пати годишно, имаат секс.

Земете ги сите тие карактеристики на пандите и замислете се дали не се олицетворение на иднината на голем дел од човештвото. Црно-белата мечка, која толку активно ја обожаваме, е индиректно огледало за тоа во што се претвораме:

Пандите поминуваат поголем дел од времето во јадење, имаат прекумерна тежина, и во минатото биле предатори, но генетската мутација ги претворила во вегетаријанци. Демонстрираат општа незаинтересираност, често се сонливи, константно им фали активност, и имаат мала сексуална желба. Притоа, не градат силни и долготрајни меѓусебни врски. Нели ви звучи сево ова познато?

Worldcrunch

- Реклама -