Од каде токсинот линдан во крвта на 8-годишни девојчиња од Скопје?

По распадот на Југославија почнa и бавното „распаѓање“ на ОХИС. Денес просторот од речиси 100 хектари е запустен и погоните се руинирани, но приказната не е завршена.

Во дворот на ОХИС се депонирани илјадници тони токсичен отпад. Според истражувањата на професорот по хемија Трајче Стафилов, околу 10% од нив отпаѓаат на пестицидот Линдан, кој беше еден од хит производите на ОХИС, особено за извоз, но чие производство Европа го забрани во 2009-та затоа што е канцероген и генерално многу опасен. Останатите 90% од отпадот се супстанци кои се сметаат за „потенцијално канцерогени“.

Смртоносните токсични супстанци во ОХИС се сметаат за најжешка еколошка точка во Македонија – вели професорот. Тоа што денес се затрупани со земја воопшто не може да се смета за ефективна заштита. Напротив, земјената покривка е исто така контаминирана од отровите, па сега имаме уште поголема токсична маса од 40.000 тони опасни супстанци кои практично со децении се оставени на отворено. Распукани се и бетонските базени, па со линдан се контаминирани и подземните води. Честичките се дистрибуираат и во воздухот, луѓето ги вдишуваат и внесуваат во организмот. Исто така, поради делумната растворливост на дел од овие изомери, тие се присутни и во подземните води, вели Стафилов.

Во отсуство на државни стандарди или правилник според кој би се оценувала штетноста на жариштето во ОХИС, професорот се води од холандските параметри за дозволена почвена токсичност. Постојат две клучни вредности: Едната е гранична вредност и укажува над која граница се смета почвата за загадена; Другата е наречена „интервентна вредност“ – тоа е горната граница која наложува веднаш да се реагира. „Во Холандија (и во нормални земји) таква состојба не се дозволува воопшто да постои. А нашите почви во потесното подрачје на депонијата се загадени над тие интервентни вредности“, вели професорот.

Освен со линдан и нуспродуктите од неговото производство, ОХИС ја контаминирал средината и со жива. Според истражувањето на професорот, во подземните води имаме „пет, шест пати повеќе жива од максимално дозволените“…

А не дека државата не знае за проблемот. Во студија од 2007 година, во која било испитувано присуство на токсини во крвта на 56 девојчиња помлади од 8 години (од цела Македонија, а 40 од Скопје) а кај кои настапил предвремен развој на млечни жлезди (што се смета за вовед во преран пубертет), присуство на линдан е утврдено кај 10 отсто од тестираните. Резултати се споменуваат, и не во ласкав тон, и во брошурата за ОХИС која Министерството за животна средина ја објави во 2014-та:

„Како неочекуван наод од студијата беа високите концентрации линдан во крвта на испитаниците, дури и во контролната група. Тоа беше причина за преземање на конкретни активности за конечно наоѓање решение за историските загадувања со линдан… во земјата“.

Со потпишување на Стокхолмската конвенција во 2004 година, во која во 2009-та е додаден и линданот, Македонија e обврзана да ја деактивира темпираната бомба во својот двор. А колку долго тоа ќе трае (макар би почнале и утре), заедно со дополнителни информации и сведоштва од поранешни вработени во ОХИС, погледнете во комплетната видео сторија на Славица Филиповска за „360°“. На нивниот оригинален линк имате и транскрипт од сето кажано во видеото.

- Реклама -