Муслиманите што јадат со лева рака се демони

Врвното турско религиско тело по којзнае кој пат предизвика жестока дебата (повеќе контроверза отколку дебата), овојпат затоа што практично тие што јадат со лева рака ги нарече „демони“.

Tаквото тврдење стои во делот за често поставувани прашања на официјалниот сајт на Diyanet – турскиот Директорат за религиски прашања.

„Воспоставувајќи ги основните принципи при јадењето и пиењето, пророкот Мухамед не го сметал јадењето со лева рака за пријатно“, се вели во еден од одговорите наведени од религиското авторитетно тело.

„Навистина, тој (Мухамед) му придава голема важност на ова прашање и ги предупредува луѓето дека демоните јадат и пијат со лева рака. Затоа советува децата да ја користат десната рака кога јадат и пијат…

… Должност на секој муслиман е да се придржува до советите и препораките на Пророкот кога се работи за јадење и пиење со десна рака“, стои на сајтот.

Најдете ги демоните.

Исклучок се луѓето со физички хендикеп, се наведува во одговорот.

Diyanet e државно тело, но фатвите (интерпретации на исламските правила) и едиктите што ги издава немаат легална моќ.

Сепак, и покрај сите заложби во минатото на Турција кон секуларизам, влијанието на Директоратот значително порасна во последните години, исто како и неговиот буџет, кој под владеењето на Реџеп Таип Ердоган се зголеми за речиси четири пати.

Оттаму, разбирливо е зошто се крева паника кога Diyanet изнесува вакви тврдења, цитирани од исламскиот учител Мухамад ал-Букари од 8-от век, кој живеел во време кога луѓето јаделе со раце и пред да се рашири употребата на прибор за јадење како ножеви и вилушки.

За волја на вистината, во некои општества, како во дел од турското и индиското, традиционално се избегнува јадењето со лева рака, но поради хигиенски причини – бидејќи левата рака се користи и кога се оди во тоалет. Сепак, има разлика меѓу тоа да речеш дека „не јади со лева, не е хигиенски“ и „не јади со лева, демоните јадат со лева“.

Доказ дека демоните јадат со лева рака…

Но како што рековме, ова не е првпат Diyanet да предизвикува контроверзи во последниве месеци (што е уште еден знак за растот на неговово влијание). Во јануари практично даде амин дека момчиња можат да влегуваат во брак на возраст од 12, а девојчиња на возраст од 9 години. Тоа предизвика жестока реакција во јавноста, што предизвика истрага по прашањето на детски бракови во Турција, како и во самиот Директорат. На крајот Diyanet го повлече тврдењето од религиозниот речник на својот вебсајт, одрекувајќи дека промовира детски бракови (кои во Турција се забранети) и правдајќи се дека само го интерпретирале исламското право.

Претходно, пак, во декември, предупреди дека секој сопруг што ќе ѝ каже на сопругата дека е слична со негова женска роднина (мајка или сестра), автоматски треба да се смета за разведен од неговата сопруга, пренесува Russia Today.

Настрана обичните животи, Diyanet неодамна се замеша и во финансии и хај-тек. Ги забрани криптовалутите и операциите со криптовалути. Не биле во согласност со исламот, се разбира.

Биткоин додека гори во пеколот (actual photo).

 

- Реклама -