Тука е едно од главните прашања кое секој трезен си го поставува себе си: Дали другарите сѐ уште ќе се дружат со мене ако единствениот газиран пијалок кој ќе го консумирам е кисела вода?
Можеби е лудо, ама понекогаш е потешко да им кажеш на другарите дека не пиеш отколку стварно да престанеш да пиеш. Да си трезен значи многу повеќе од одлуката да бидеш физички здрав или емотивно постабилен – денес ова има сериозно влијание врз твојот друштвен живот. Сами ќе сфатите дека не пропаѓате затоа што се начукувате по баровите (понекогаш и до сабајле), пропаѓате затоа што пиете премногу … и точка. Прекумерното цуцање влијае на твојата врска, на твоето родителство, на твоето семејство, на твојата кариера. Едноставно, ти го цица животот од тебе.
Сега сфаќам дека алкохолот бил интегрален дел од мојот друштвен живот. Алкохолот имаше главна улога на семејните вечери, на скара со друштво, во кафана, во кафуле (демек на кафе), летување, зимување, на деловни прослави, родендени, матури, имендени, слави, на гледање фудбал, Европско, Светско, квалификациии, пријателски, ракомет, одбојка, крикет, бадминтон, снукер, карлинг (еден тон изговори дека си со друштво) … секаде. Дури сега кога престанав со пиење сфаќам колку друштвени ивенти се вртат исклучиво околу „џапање“.
Насекаде пиење … барем за мене, сериозен алкос чиј друштвен живот се вртеше исклучиво околу една работа… „чашка“.
Епа сега, после неколку месеци трезвеност и што е можно почесто избегнувам дружби каде што знам дека ќе има алкохол на тони. Не дека се плашам дека ќе подлегнам на искушението туку досадно ми е да глеам како се редат вовчиња од шотови на шанк. Више сум со една нога у стрејтери а?
Како и да е последниве неколку месеци научив многу за тоа како да се социјализираш кога си трезен. Еве неколку совети што би можеле да завршат работа:
Не очекувај дека сѐ ќе биде исто како порано
Друштвениот живот сега ти е каде каде поинаков. Ако, тоа е супер. И ти си поинаков. Најголемата кулминација ти се случува во моментот кога ќе признаеш дека тоа што ти се случува не е баш наивна работа. Колку и да сакаш да ја пикнеш под тепих, не можеш, зошто е голема. Ако порано сите „проблеми“ што си ги имал, си ги лечел со најадиктивната „дрога“ на светот, сега повеќе не го правиш тоа.
„Пример“, од најпијаниот кретен на забавата одеднаш се претвораш во (за жал) единствениот трезен тип. Нормално дека работите веќе не се исти,не се ни поинакви, тоталка се спротивни.
Самодовербата со тек на време ти оди само нагоре.
Алкохолот ти е онаа сигурносната мрежа во секоја ситуација. Анкциозен си и многу незгодно се осеќаш за време на дејтови, фамилијарни прослави, собиранки со екипи што ги имаш и немаш видено одамна итн. Е баш таа мрежата те тера никогаш да не престанеш. Тука е проблемот, фатен си во мрежата. Во моментот кога се тргаш од алкохол, на почетокот на трезвенството, стануваш уште поанкциозен и ти е уште понезгодно на друштвените собиранки бидејќи се однесуваш како се да си е океј, а не е. Еее, и по неколку месеци стрејтерсво, уште ми се грчи стомак кога ќе улетам во локал кај што се точи алкохол на велико … ама ако, самодовербата во однос на тоа само ми расте, така што сѐ поретко ми се случува да помислам на таква работа.
100% другарите ќе ви помогнат
Барем оние вистинските. Трезвеноста може да има фасцинантно влијание врз пријателството. На некои од пријателите можеби и ќе им треба малку време да се прилагодат на вашиот значаен друштвен избор. И тоа е супер. Е сега, ќе има и од оние кои ќе си продолжат по својот пат, па вашиот избор ќе ве оддалечи од истите. Моите вистински пријатели беа тука кога се онесвестував по журки и повраќав на задното седиште во кола, тука се и сега.
Исто така, си создавам и нови пријателства бидејќи времето кое до сега го поминував пиејќи и лечејќи мамурлук, сега го поминувам на јога, пливање, возење точак, вежбање, читање и блогирање. Во кратки црти, она што ќе ви го каже и Џон Менделсон, научникот од Сан Франциско и експертот за клиничка зависност „Новиот друштвен свет каде пиењето не е единствената мотив за добра забава“.
Менделсон исто вика, „За многу луѓе трезвеноста е норма, и оние кои не пијат не се стигматизирани“. „Припадниците на овие групи се пријатели, бидејќи имаат слични деловни, рекреативни и професионални интереси“.
На крајот на краиштата ако целиов муабет пропадне, а ти си решен да се откажеш од алкохол, подобро остани си дома. Ама најсеријозно. Не брзај и не ја извикувај целава ситуација со тргањето од алкохол. Остани фокусиран на себе си.
Во првите неколку недели без пиење, баш оној период кога се мачев себе си како да направам филм дека веќе не пијам, единствената трезна личност која тогаш ја познавав во реалниот живот, ми рече, „Единствената дискусија која треба да ја истераш е онаа, сам со себе“ … супер лејмерска реченица за новопечен стрејтер…