Прди ли?

Звучи детинесто, ама научниците ширум светот ги здружуваат силите да одговорат на ултраважното прашање: „Прди ли (тоа и тоа животно)?“.

Како што добро знаете, луѓето дефинитивно се меѓу животните што прдат. А што е со другите? Ако сте љубопитни, на Твитер врти хаштагот #DoesItFart, а има и Google Spreadsheet табела во која е наведена листа со над 80 животински видови и нивното прдење или непрдење.

„Ти прдна пред малце?“

Верувале или не, повеќето животни всушност прдат. Не и птиците, не и морските безрбетници како ракчињата и крабите, остригите или школките. Се чини дека овие немаат биолошка потреба да испуштаат гасови.

Ама прдат, на пример, лилјаците. Според Дејвид Бенет од универзитетот Квин Мери во Лондон, колку поголем е лилјакот, толку посилно прди.

Глувците, стаорците, зебрите и „брадестите змејови“ (вид гуштери, наречени Pogona) исто така прдат. Птиците, иако рековме дека не прдат затоа што немаат биолошка потреба, во теорија можат одвреме навреме да испуштат по некое „облаче“. Прдат и змиите, главно во самоодбрана.

Проучувањето на прдежите кај животните не се сведува само на хумор. Прдежите на кравите и добитокот, на пример, има голем придонес во атмосферскиот метан кој придонесува за климатски промени.

„Прди ли?“ е едно од најчестите прашања што зоолозите го добиваат од децата, вели Дани Рабајоти од Zoological Society во Лондон. Всушност, целата #DoesItFart авантура почнала кога нејзиниот брат тинејџер ја прашал дали змиите имаат гасови. Рабајоти од своето работно искуство знае, на пример, дека дивите кучиња во Африка дефинитивно прдат, како и екстремно „гасовитите“ фоки кои живеат на островот Јужна Џорџија.

За змиите го прашала експертот Дејвид Стин. Краткиот одговор е да. Змиите некогаш испуштаат фецес и миризлива супстанца како одбранбена стратегија, и сето тоа е придружено со звуци што Стин ги опишува како „класичен звук на прдење“.

Стин исто така вели дека ова не му е првпат да му го постават прашањето. Тоа обично ги интересирало раните тинејџери. „Секогаш е интересно да видиш што им го привлекува вниманието на луѓето. Не знам дали прдењето на животните ќе доведе до тоа повеќе да го цениме биодиверзитетот, ама барем е можност да се привлече поголема публика кон науката, особено биологијата“.

Туку за лилјаците… Можеби затоа висат? За кога прдат и мирисот се крева нагоре да не им оди во носот?

 

 

А ако целта, или споредниот ефект, е популаризација, тогаш важно ли е што е темата? – прашува Adriana Lowe од универзитетот Кент во Велика Британија. Само зашто се работи за животински прдежи, не значи дека е суштински несериозно. Исхраната и дигестивните системи на животните се важно и фасцинантно поле на проучување, a испуштањето гасови е само дел од тоа, вели таа.

Lowe, конкретно, ги проучува шимпанзата во шумата Budongo во Уганда. Нивните гасови варираат зависно од нивната исхрана. Овошјето е помиризливо од листовите, вели, а смоквите се најлоши.

Фацкава: „Омг, ме слушнаа дека прднав…“

Но прдењето на шимпанзата некогаш ѝ помага и во нејзиното истражување, на пример за да ги лоцира кога се кријат во шумата. „Некои од нив имаат многу долги прдежи, како воздух што се испушта од балон, што е корисно при тоа да лоцирате од каде доаѓа звукот“.

Ете, сега знаете малку повеќе за тоа кој прди и кој не. Ако сакате уште, ѕирнете ја spreadsheet табелата што ја спомнавме погоре. Ќе ја најдете ТУКА.

 

- Реклама -