Кристофер Колумбо и Крвавата месечина што ја смени историјата

На 31 јануари добар дел од населението на планетава имаше чест и среќа да набљудува една многу специјална појава – „сина крвава супермесечина“. Терминот обединува три поединечни феномени: „супермесечина“ – при кој Месечината изгледа многу поголема и поблиска, и 14% посветла; втора полна месечина во еден месец – познато како „сина месечина“; и помрачување на Месечината (кога Земјата се испречува меѓу неа и Сонцето) – кое ѝ дава крваво-црвена боја, оттаму и „Крвава месечина“.

Како што рековме, за денешното човештво ова е само еден специјален феномен во кој можеме да уживаме, бидејќи разбираме дека крвавата боја на Месечината ќе биде само оптичка илузија, прашање на физика, а не на пример некој разгневен бог незадоволен од земните си свои поданици.

Замислете, меѓутоа, дека не знаете ништо од ова и абер немате дека се наближува затемнување на Месечината. Одеднаш ви се појавува некој странец кој тврди дека има директен контакт со создавачот на Месечината, и дека ако не го послушате месечината ќе исчезне од небото.

Баш тоа се случува во 1504-та година на територијата на денешна Јамајка, кога шпанскиот (со потекло од Италија) морепловец Кристофер Колумбо прави една голема измама која веројатно го смени текот на историјата. Ако тоа не се случеше, можеби немаше ни да се случи колонизацијата на Америка, барем не таква каква што ја знаеме денес, ем по денешните реперкусии, ем по колежот на огромен дел од домородното население тогаш.

Колумбо тогаш е на четвртото по ред патување до Америка, кога во јуни 1503-та се соочува со криза. Епидемијата на дрвојади (црви што го напаѓаат дрвото) му уништува два од четирите брода, принудувајќи го да ги закотви преостанатите два на карипскиот остров на кој живее племето Араваки. На почетокот сé било во ред, но со тек на време кај Араваките почнува да се јавува нетрпение кон  дојденците, бидејќи ги приморуваат да им обезбедуваат храна.

Морнарите на Колумбо исто така се нервозни. Креваат бунт и убиваат голем дел од жителите на островот. Односите меѓу домородното население и екипажот на Колумбо брзо се влошуваат, а тој мора да бара решение.

Тогаш Кристофер дознава дека располага со информација до која Араваките немаат пристап. Имено, математичарот и астроном од 15-ти век – Јоханес Региомонтан, има објавено алманах со астрономски појави за периодот од 1475-та до 1506-та година. Зборникот бил задолжителен за морепловците, а Колумбо – веќе искусен истражувач, добро ја познавал содржината. Токму тоа го искористил како оружје против Араваките.

Три дена пред помрачувањето на Месечината, Колумбо го повикува водачот на племето и му соопштува дека христијанскиот бог е многу лут што домородците веќе не ги даруваат гостите со маниока (касава) и риба. Доказот за божјиот гнев, порачал Колумбо, ќе се види за три дена, кога Месечината ќе изчезне од небото и ќе поцрвене од крв.

Никој не знае што си помислил водачот на Араваките кога го чул пророштвото, но… Три дена подоцна, Месечината почнува да се „гаси“ и добива крвава боја, баш како што гласело предупредувањето од Колумбо. Сите меѓу домородното население биле убедени – тој има силна врска со боговите на небото.

Синот на Колумбо – Фердинанд, ја опишува големата паника која настанува по затемнувањето:

Араваките првично се исплашиле, а потоа дотрчале со заглушувачки извици и молби кон бродовите, носејќи храна и дарови, молејќи адмиралот да застане во нивна одбрана и да побара од неговиот бог да им се смилува.

Колумбо се преправал дека сериозно се двоуми дали да го прифати „извинувањето“. Всушност чекал затемнувањето да заврши, баш како што пишувало во алманахот. Кога Месечината била на пат да излезе од сенката на Земјата, Колумбо излегол пред Араваките и прогласил дека договорил мир со својот бог. Неговиот бог ќе се смири ако племето продолжи да ги храни гостите, рекол.

Во сиот шок од настанот, тоа на домородците им изгледало како разумна зделка. Тие ги хранеле шпанските морнари сé додека не стигнала помош од Шпанија. Во ноември гостите си заминуваат кон дома, а наскоро потоа започнува етапното освојување на американски територии.

Што ќе се случеше ако Колумбо и екипажот умре од глад на тој остров, или беа убиени од домородното население? Можеби ништо, но можеби и денес светот ќе изгледаше многу поинаку.

Quartz

- Реклама -