Nintendo ја знаете како технолошки гигант за видео игри и конзоли за играње, но всушност е многу повеќе од тоа.
Компанијата е базирана во Кјото – порано главен град на Јапонија, а денес сé уште центар на традиционалната јапонска култура.
Компанијата постоеше во Кјото и пред 129 години, од 1889-та година, кога и е основана. Имаме и доказ – најстарата позната фотографија од „зградата“ на Nintendo.
Фотографијата заврши на интернет откако ја твитна францускиот историчар на видео игри (дап, и тоа има) Флорент Горже. Сликана е во 1889 година, и покажува прилично голема барака во карактеристичен Кјото стил на архитектура. Горе на сликата, во делот кој почнува да избледува, можете да прочитате и на англиски: „Marufuku Nintendo Card Co.“ – натпис што се однесува на првиот продукт на компанијата Nintendo – картите за играње „hanafuda“.
Во долниот ред од текстот, пак, пишува „Yamauchi Nintendo“ (堂天任内山) – се однесува на основачот на компанијата Фусаџиро Јамаучи, како и зборот „карута“ (напишан од десно кон лево – たるか) – јапонскиот збор за „играње карти“.
Ете, чисто да знаете; не сите денешни технолошки компании се „нови“.
* * * (ако не ве мрзи да читате) * * *
Ако ова погоре ви изгледа на прилично голема барака за компанија која само што почнувала во тоа време, во право сте. Но Фусаџиро Јамаучи бил посвоен син на Наонана Јамаучи – сопственик на градежната компанија за цемент и варовник Haiko Honten. Баракава претходно ја користела токму компанијата на татко му, која потоа Фусаџиро ја наследил и продолжил да ја управува паралелно со Nintendo. Двете компании официјално ги прекинуваат сите меѓусебни врски во 1927 година, но… Ако прочепкате низ нивните минати проекти, меѓу нив ќе налетате и токму на денешната зграда на Nintendo (најгоре на сликата).