Една е сестра

Во време кога grown ass (што би рекле Американците) девојки и момци во свои 30-ти преферираат журки и гејминг зашто дете било претешко, негде во Кина постои девојче по име Жу Дингшуанг, кое секој ден на ушка го носи својот постар парализиран брат во школо.

Школото не е далеку – едно 500 метри, но 12-годишното момче секако е голем товар за плеќите на Жу. Меѓутоа, очигледно од нејзината приказна е дека тој товар таа го чувствува само физички.

Родителите поради работата (веројатно во друг град, како што е обичај во руралните и посиромашни региони на Кина) биле приморани да се откажат од школување на синот, но Жу самоиницијативно преземала одговорност.

Им рекла дека ќе му помогне на брат ѝ, а тоа го прави одлично. Освен што го носи во школо и му ги врзува патиките, го турка и во количка на физичко, за да не се чувствува изоставен од другите во класот. Откако ќе се врати дома, Жу чисти низ куќа и мие садови, а потоа му помага со домашната.

Нема информација дали братот на Жу е роден парализиран или можеби настрадал во некаква несреќа, но тоа ништо не ѝ менува на сестра му.

„Јас ќе бидам неговите нозе. Ќе бидам со него засекогаш“, со радост во очите воскликнува Жу додека се подготвуваат за нов ден во училиште.

 

- Реклама -