Банана е банана, кората си е кора, а оние белите долги „конци“ кои често морате да ги одлепувате со прсти кога ја лупите бананата се викаат „флоем(и)“.
Во најопшта смисла, флоем е растително спроводно ткиво кое ги дистрибуира продуктите на фотосинтезата во растението. Во бананата, освен хранливите материи ја дистрибуира и водата, низ целиот плод.
Глупо ќе биде да речеме дека ако не е флоемот – нема да постои ни бананата (тоа е како да речеме дека ако не постоеја вените, немаше да постојат ни луѓето), ама отприлика така е; ако супстанците не се дистрибуираат низ целиот плод, бананата немаше да биде тоа вкусно овошје што го знаеме денес.
Поентата ни е, не им се лутете на белите нишки кога се лепат. Не се таму само за да нé нервираат. Исто така, немојте ни да ги фрлате. Јадете ги заедно со бананата – се работи за хранливи влакна кои притоа имаат и неутрален вкус, па нема да ви го уништат задоволството.