Кина има лажен Париз

Овие две фотографии од Ајфеловата кула изгледаат многу слично, но не се исти, како што можете да видите од околината. Едната е од оригиналната Ајфелова кула во Париз. Другата е од реплика во Тиандученг, во предградието на Хангжу во Кина.

Реплики на познатите споменици се честа појава низ светот (ете си имаме и Триумфална порта во Скопје), ама Тиандученг е друг муабет. Се протега на површина од околу 31 километар квадратен, а целата луксузна населба (отворена во 2007 година) е моделирана според Париз – францускиот „Град на светлината“.

Во париски стил се зградите, фонтаните, зеленилото… Репликата на Ајфеловата кула, од своја страна, е висока 100 метри – т.е. третина од височината на оригиналот.

Фотографииве се дел од фотосеријата „Paris Syndrome“ на парискиот фотограф Франсоа Прост, во која тој ги споредува сцените од француската престолнина со сличните на нив во Тиандученг.

Овие вториве се само фасада, вели тој. „Луѓето во Тиандученг живеат како што живеат и луѓето во останатиот дел од Кина. Дури и ресторантските понуди се слични на тие во остатокот од земјата, со улични кантини и ресторани кои служат кинеска храна. Мислев дека веројатно имаат и француски ресторан, но не“, раскажува Прост.

Прочитајте и:  Курт Кембел: Кина е најголемиот предизвик во историјата на САД

Другата разлика во однос на Париз е општата атмосфера. И покрај генералната опсесија со европска архитектура, Тиандученг (познат и како Sky City) е прилично апатичен, во смисла дека во Франција има недоглед од туристи секој ден, а околу „кинескиот Ајфел“ нема да наидете на гужви и главно се локални жители. Кинезите во Тиандученг главно не ѝ посветуваат внимание на архитектурата, а кулата ги привлекува само навечер, главно во петок и сабота, кога е осветлена како во Париз (само пет минути на секој час).

Пред 4 години, целиот „лажен Париз“ проект делуваше како да се движи кон пропаст – тешко се наоѓаа купци за домовите и инвеститори во локални бизниси. Денес, меѓутоа, населението во Тиандученг достигнува околу 30.000 жители, и е во пораст.

- Реклама -