Добредојдовте во Ојмјакон, село каде од учениците се очекува да посетуваат настава сé додека температурите не достигнат -52°C. Отсеченото сибирско село се смета за најстуденото постојано населено место на планетата, а зимава минималните температури достигнуваат и -62°C. Имајте го тоа на ум кога студот ќе фати и кај нас (ако фати) и ќе ви иде да се жалите.
Веќе еднаш ви го претставивме местово преку фотографиите на новозеландскиот фотограф Amos Chapple. По неговата посета на Ојмјакон, тој го опиша вака:
„Носев тенки панталони кога прв пат стапнав надвор на -47°C. Се сеќавам дека се чувствував како студот физички да ми ги зграбува нозете; другото изненадување беше дека одвреме навреме плунката ми замрзнуваше во иглички кои ми ја боцкаа устата“.
Зимава е уште постудена од тоа што го начекал Амос. Сега на луѓето им замрзнуваат дури и трепките. Официјалната метеоролошка станица на „студениот пол“ (како што го викаат руралново гратче) регистрираше -59°C, но според новиот електронски термометар, температурата достигна и -62°C. Може ќе покажел и пониска, но престанал да работи, велат локалните. Ако ги прашате нив, температурата паднала и до -68°C.
Во 1920-тите и 1930-тите, Ојмјакон бил попатна станица за одгледувачите на ирваси, кои ги напојувале своите стада од термалните извори. Во обид да го „присили“ номадското население да се стационира, Советската влада подоцна го трансформирала местото во постојано живеалиште – темел на ова што Ојмјакон е денес.
Во 1933 година, во Ојмјакон е измерена температура од -67.7°C, што е најниската температура официјално регистрирана на Северната хемисфера на сите времиња. Неофицијално, пак, во 1924 година е забележана температура од -71.2°C. Просечната температура во јануари во Ојмјакон е -50°C.