Ова прашање е сé уште предмет на дебати, главно меѓу домаќин(к)и нели, но поентата е дека секој има различен одговор: некои ги перат на пар недели, други еднаш неделно, а повеќето кога ќе добијат „чуден“ мирис.
Експертите имаат поинаков аршин. Според нив, не треба пешкирите да се перат по одредено време, туку по одреден број употреби. Зборуваме за две до четири употреби. По таа граница, веќе почнуваат да се создаваат бактерии и други микроби. Во тоа помагаат остатоците од нечистотијата и мртвите клетки на кожата кои остануваат на пешкирите по бришењето по туширањето – факт што изненадува многумина, а не треба.
Кратко речено, ако добро ги сушите после секое користење, можете да ги користите и до четири пати. Задолжително простирајте ги, за да се исушат подеднакво и темелно. Исто така, пешкирите не треба да се чуваат во бањата, бидејќи тоа е највлажната просторија во домот, а влагата го помага развојот на бактерии. Најдете им суво место.
„Ако станува збор за пешкири за тело кои успевате целосно да ги исушите, на пример на радијатор, користете ги не повеќе од три пати“, вели за Tech Insider патологот и микробиолог – Филип Тијерно од њујоршкиот универзитет School of Medicine. „Малите пешкири кои ги користите за раце треба да се перат почесто. Полесно се валкаат бидејќи ги користиме повеќе пати дневно, па треба да ги менувате секој ден. Ако од пешкирот се шири непријатен мирис, тоа значи дека на него се размножиле микроби и дека треба да го исперете“, вели тој.