Кејптаун во Јужна Африка се соочува со сериозен недостиг од извори и резерви на вода. Кризата е резултат на она што Weather Channel го нарекува „најлошата суша во земјата во последниве 100 години“.
Ситуацијата е толку лоша што претставници на локалните власти предупредија дека е можно до април годинава сите чешми во градот да секнат.
Невообичаено сувата зима доведе до вонредно ниски нивоа на вода во браните и резервоарите во земјата, што ги примора властите да прогнозираат „Day Zero“ – денот кога нивото на акумулираната вода ќе падне под 13.5%, што ќе предизвика прекин во водоснабдувањето.
Моментално датумот за „Ден Нула“ е одреден за 22 април. Тоа е недела порано од предвидувањата (29 април), со тоа што сегашните нивоа на резервоарите во градот обезбедуваат само 19.7% од водата која всушност е употреблива.
И покрај преземените мерки (како намалувањето на притисокот на водата) и забраните за употреба на вода на отворено или за перење на автомобилите, жителите на Кејптаун сé уште користат околу 78 милиони литри вода повеќе од поставената максимална граница.
Официјалните лица продолжуваат да ги повикуваат луѓето да се намали вкупната потрошувачка на вода во обид да се избегне Day Zero. Ако тој ден сепак дојде, тоа ќе значи долги редици за вода пред околу 200 пунктови во земјата, како и воведување на полициски и воен надзор на резервоарите со вода.
Ситуацијата достигнува степен на апсурд. На пример, се вели дека и туристите во регионот ќе треба да внимаваат на потрошувачката на вода во хотелите во кои престојуваат. Дел од сместувачките објекти, на пример, како Hotel Verse, на гостите им нудат попусти ако се воздржат од користење на мраз во пијачките. Други, како Taj Cape Town, затвораат дел од спа-центрите… Сигурни сме дека мразот и „ДЕЛ“ од спа-центрите многу ќе помогнат.
Сарказмот настрана, Кејптаун може да стане првиот голем град кој ќе остане без вода, и тоа во следните четири месеци, вели д-р Ентони Туртон од Центарот за управување со животната средина при University of the Free State.
А може и да не биде единствен. Недостатокот од вода лесно може да се претвори во реалност и на други места на планетата; Светскиот фонд за дива природа проценува дека до 2025 година, две-третини од населението на Земјата може да се соочи со недостиг од вода.