Фотографот Ерик Лафорџ е еден од малкуте среќници што имал можност да ја посети Северна Кореја дури 6 пати, и со тоа да ја види каква што навистина е. Благодарение на дигиталните мемориски картички, вели, можел да ги зачува забранетите фотографии и фотографиите кои на обичните Севернокорејци не би им се допаднале.
Лафорџ не бил заинтересиран за внимателно оркестрираните туристички тури кои ја откриваат само фасадата. Тој сакал да продре „зад параванот“, да добие „домашен“ увид во тоа каков е животот на обичните луѓе кои не се целосно контролирани од властите. „Не ми дозволуваа да фотографирам полиција, армија итн… Но со камера со 300-милиметарски леќи и место во задниот дел од автобусот, тешко можеа да ме спречат“.
Лафорџ успеал да собере илјадници слики. „Штом се покажеше шанса да посетам нова област, веднаш се обидував да одам таму и да фотографирам и документирам“.
Откако Лафорџ се вратил од своето шесто патување во Северна Кореја, тамошните власти откриле дека тајно споделува забранети фотографии онлајн. Побарале да ги избрише, но тој одбил: „Ги покажувам сите аспекти од Северна Кореја – и добрите и лошите. Како што правам и со секоја друга земја што ја посетувам. Одбив да направам исклучок за Северна Кореја, и нив тоа не им се допадна“, вели тој. Набрзо добил забрана за влез во земјата, доживотна.
Па ајде, да искористиме и да ѕирнеме во неговата колекција, вклучително и неговите коментари:
Жена стои меѓу војници. Оваа фотографија е илегална, бидејќи официјално е забрането да сликаш војници.
Кога посетуваш семејства, водичите се пресреќни ако фотографираш за да покажеш дека и севернокорејските деца имаат компјутери. Но ако снема струја (а снемува), бараат да ги избришеш сликите.
Војниците често помагаат на локалните фарми.
Ваквиот тип на фотографии често се вртат на Западот. Обично под нив стои објаснување дека Севернокорејците јадат трева од парковите (веројатно само шпекулација). Водичите побеснуваат ако забележат дека фотографирате ваква сцена.
Еден од ретките случаи на недисциплинирани деца. Автобусот вози низ тесните патишта на северот, кога одеднаш ова дете застана на сред пат.
Во Северна Кореја е многу важно како си облечен. Во град нема да видите недотерани. На овој ден, студентите танцуваат во еден од парковите. Кога побарава да ги фотографирам, девојката му ја подмести кошулата на момаков.
Иако колите стануваат сé почести по улиците во Пјонгјанг, локалните сé уште се привикнуваат на нив. Децата играат на главните улици исто како и порано, кога немаше многу коли.
Метрото во Пјонгјанг е меѓу најдлабоките во светот, зашто истовремено служи и како скривница за во случај на бомбардирање. Еден Севернокореец ме виде како фотографирам и побара да ја избришам сликата, бидејќи се гледале тунелите.
Можеби едно од најапсурдните негодувања со кои се соочив. Кога го сликав ова, сите почнаа да ми викаат. Не сум смеел да фотографирам зашто сликата не е завршена.
Забрането е да сликаш неухранетост.
Забрането е да сликаш војници, дури и кога се релаксираат.
Рибар користи гума како чамец.
Пионерскиот камп во Вонсан често им е покажуван на туристите, за да се покаже како децата од цела земја се забавуваат. Но многу од децата се од руралните средини, и се плашат да ги користат ескалаторите, бидејќи никогаш порано не виделе такво нешто.
Смееш да ги сликаш делфините во Делфиниумот во Пјонгјанг, ама повторно – не и војниците. Само што војниците сочинуваат 90% од публиката.
Чекањето во редови во С. Кореја е национален спорт.
Владин службеник задремал во една христијанска црква. Не е дозволено да ги прикажуваш официјалните лица во лошо светло.
Посета на рурален дом. Овие куќи и семејства се внимателно избрани. Но некогаш ќе влезеш во тоалетот и ќе видиш дека кадата ја користат како резервоар за вода. Очигледно, животот таму не е лесен.
Официјалните лица мразат кога сликаш вакви фотографии. Дури и кога им објаснив дека сиромаштијата ја има секаде низ светот, па и во мојата земја, тие ми забранија да ги фотографирам сиромашните.
Посетив фабрика со мојата ТВ екипа. Бевме следени од локален камерман кој снимаше во текот на целата посета (десно). На овој ден, владата испрати уште еден камерман за да нé снима сите нас заедно. Многу сомнително.
Војник спие во поле.
Една вечер, додека автобусот се враќаше кон хотелот по споредна рута поради затворени улици, водичите побараа да не фотографирам со блиц. Официјалното објаснување беше „за да не ги исплашам луѓето“.
Не е циркус, туку обични градежни работници во земја со низок безбедносен стандард на работното место.
Ќе најдете секаква храна и пијалоци во двата супермаркета во Пјонгјанг во кои можете да платите и со евра. Има дури и вода „Евијан“. Само елитата може да си дозволи да пазари тука.
Апсолутно е забрането да ги сликаш статуите на династијата Ким од зад грб. Се смета за страшно непристојно.
Долж реката Таедонг, во новиот центар на Пјонгјанг, се отвараат нови ресторани. Само елитата може да си ги дозволи, иако се работи за цени од само неколку евра. Храната, додуша, беше многу вкусна.
Човеков се одмараше на камењата на брегот крај морето во Чилбо. Водичот ме замоли да ја избришам фотографијава во страв дека западните медиуми можат да ја прикажат како човекот да е мртов. Жив е.
Кога времињата се тешки (какви што обично се овде), ќе видите деца како работат во полињата за фармерските колективи.
Нешто што често се гледа во Северна Кореја, но сепак е забрането за фотографирање.
Во уметничкиот центар на Пјонгјанг снема струја (што се случува на дневна основа). Како што реков, Севернокорејците не сакаат тоа да го покажуваат, а кога ќе се случи, велат дека е поради американското ембарго.
Паранојата е силно изразена меѓу Севернокорејците. Инсистираа да ја избришам сликава од мајка и син кои одмараат на клупа, бидејќи беа убедени дека подоцна ќе ги прикажам како бездомници.
Ќе наидете на многу изморени луѓе, бидејќи мораат да возат со часови на своите велосипеди за да стигнат до полињата. Сликањето е забрането и во овој случај.
Забраните против трговијата на црно беа ригорозно спроведувани долго време. Сивата економија, меѓутоа, е многу почеста. Ситните продавачи заработуваат ситни суми продавајќи цигари и слатки.
Јавен транспорт кој ги поврзува големите градови скоро и да не постои. На граѓаните им требаат дозволи за да одат од едно место на друго. На автопатите често ќе видите и војници што автостопираат.
На водичите не им се допадна оваа фотографија од две причини: 1) момчето „чудно ја носи капата“, според мојот водич; и 2) војниците во позадина.
Многу ретка фотографија од инвалидска количка. Во шесте мои патувања, видов само две.
Ова не би требало да смее да се случи – метла потпрена на статуа на Ким Ил Сунг во Пјонгјанг.
Илјадници Севернокорејци на денот на фестивалот „Кимџонгилија“ (посветен на Ким Џонг Ил). Одат во редици и посетуваат споменици.
Покажување на сиромаштијата е забрането, но и демонстирањето на богатството е големо табу. Имав среќа да го начекам Мерцедесов во сопственост на еден од богатите Севернокорејци. во недела попладне во еден парк. Сопствениците правеа скара со пријатели.
Забрането е да го сликаш секојдневниот живот на Севернокорејците ако не се добро облечени. Според мојот водич, човеков не беше доволно добро облечен за да биде фотографиран.
На еден топол пролетен ден, Севернокорејците сушат теписи на брегот на реката Таедонг. Исто како и со метлата погоре, тоа што во позадина има статуа на Ким, ја прави сликава забранета.
Пјонгјанг е лицето на Северна Кореја, па многу се внимава на фасадите. Но ако добиете ретка прилика да ѕирнете внатре во зградите, реалноста ве плеска во фаца.
Отидов во Чонгџин, град на северот кој минатите години многу страдаше од глад. Камерата ми беше конфискувана за време на остатокот од патувањето со автобусот. Кога стигнав во хотелот (во Чонгџин) сфатив зошто, кога ги погледнав луѓето на улиците.
Маж се капе во река.
Секоја година, луѓето од градовите одат во руралните региони и помагаат во јавни проекти. На овој ден ги обновуваа ознаките. Претходно владата ги сметаше овие фотографии за позитивни, но сега сфаќаат дека можат да бидат интерпретирани како присилна работа.
Парите се табу тема на разговор во Северна Кореја. Многу е тешко да се разбере колку луѓето заработуваат, колку е скапа живеачката, итн… Ова е касиерка на еден забавен панаѓур. Не беше среќна што ја сликам.
На автопатите ќе видите многу камиони со јаглен, бидејќи Северна Кореја има проблем со набавка на нафта, како во Втората светска војна.
И уште неколку: