Хамилтон сè поблиску до Мерцедес ГП

Шансите Луис Хамилтон да си замине од Мекларен и да се пресели во Мерцедес ГП од ден на ден стануваат сè поголеми откако британскиот возач многу сериозно ја разгледува опцијата за преселба во тимот на Рос Браун од следната натпреварувачка сезона.

Англискиот весник „Дејли мејл“ во своето денешно издание пишува за огромното разочарување на Хамилтон од односот на челниците на Мекларен, кои тврдат дека сакаат да го задржат, но од друга страна му понудиле договор со помала плата од онаа што ја заработува во моментов (18,6 милиони евра по сезона).

„Луис целата своја кариера ја мина во Мекларен и нормално е што британскиот тим беше негов прв избор и во оваа ситуација. Сепак, тој се чувствува изневерено што не го ценат доволно во Мекларен, па сега сериозно размислува и за останатите понуди, нешто што не беше случај до пред десетина дена“  изјави близок пријател на Хамилтон.

Од друга страна, Мерцедес ГП веќе испрати понуда за тригодишен договор вредна вкупно 60 милиони фунти. Згора на тоа, германскиот тим за адут во преговорите го има и Рос Браун, човекот што работеше со Михаел Шумахер во периодот на доминација на најуспешниот возач на сите времиња.

„Дејли мејл“ тврди дека Хамилтон би сакал да работи крај Браун за да атакува на што повеќе трофеи до крајот на својата кариера, па лесно може да се случи Британецот и во следните десетина дена да ја обелодени својата одлука за потпишување договор со Мерцедес ГП.

- Реклама -