Ако „Монсанто“ по дифолт го мислите во негативна конотација и ве потсетува на најголемиот производител на ГМО семиња на планетата, не мора да е така.
Во Португалија, југоисточно од Serra da Estrela (највисокиот планински венец во континентална Португалија), се наоѓа осамено и магично селце кое исто така го носи името Монсанто.
Изградено е меѓу карпи, а куќите и улиците се стиснати меѓу огромни камења. Изгледот му е таков со векови. Таму ќе ги најдете и руините од стар замок (кој почнал како луситанска римска тврдина), кои ви овозможуваат неверојатен поглед кој се протега сé до планинскиот венец.
Интересно е што во 1938 година Монсанто било изгласано за „најпортугалско село во Португалија“, по што се воведени и рестрикции за изградба, благодарение на кои селото денес практично е „жив музеј“.
Не е лесно да се стигне до Монсанто со јавен превоз, ама бајковитата атмосфера и извонредната панорама дефинитивно вредат да бидат посетени.