По полемиката која се разви во македонските спортски кругови околу неговото заминување од земјава, директорот на нашата репрезентација Врбица Стефанов преку отворено писмо до јавноста прецизирајќи ги причините за неговата одлука да ја напушти Македонија наведува дека тој и во иднина ќе остане максимално посветен на обврските околу националниот тим.
„По повод моето заминување за Италија, би сакал јасно и недвосмислено да ја информирам македонската јавност за причините за овој мој, претходно добро промислен потег. Ја напуштив Македонија, но не и моите вистински пријатели во Федерацијата, кои се моето второ семејство.
Подолго време размислував пред да заминам од мојата родна земја, бидејќи тука се моите најблиски, тие кои биле тука за мене во најубавите, но и во најтешките моменти. Не беше лесно да се одлучам на овој потег, кој е испровоциран единствено од лични бизнис причини, кои воопшто не се поврзани со моето спортско функционирање во Македонија.
Луѓето од Федерацијата, со кои имам одлична комуникација, свесни за моментот во кој доаѓа оваа моја одлука, уште еднаш максимално ме поддржаа и за тоа сум им навистина благодарен.
Продолжувам да работам во Римини, во кампот на една од најдобрите младински школи во Европа и тоа е голем чекор напред за мене, но секогаш ќе бидам максимално посветен на извршување на моите обврски во репрезентацијата на Македонија, кои никогаш не беа доведени во прашање.
Комуникација со луѓето од Федерацијата ја задржуваме на највисоко ниво, сконцентрирани само на она што претстои – ЕП во Словенија. Контактите со тимот, со сите играчи, со целиот стручен штаб и сите кои го опкружуваат, никогаш не биле спорни, ниту пак ќе бидат. Секогаш ќе бидам достапен за пријателите, за оние кои секогаш беа достапни за мене.
Националниот дрес е светост, гордост. Додека го прифаќаме како таков, сите вклучени во репрезентативниот тим, а тука ја гледам и македонската јавност, која има огромна заслуга во сите наши, заеднички успеси, насоката е само напред. Се гледаме во Словенија“.