И Мароко има своја Швајцарија

Ако Мароко ве асоцира на песок, мозаик од тесни улички и стари земјени куќи, не сте сами. Гратчето Ифран, меѓутоа, е како ниеден друг град во Мароко.

Лоцирано на околу 1660 метри надморска височина, во регионот на Средниот Атлас, ова мало гратче има сосема поинаков амбиент, кој многу потсетува на швајцарските Алпи. Поради уредните куќички со црвени покриви во европски стил, бујната вегетација, парковите со езера и снежните зими, кои се во контраст со сувата и топла клима која го опкружува, Ифран носи баш таков прекар – „мароканска Швајцарија“.

Баш поради тоа, како и достапноста, Ифран служи како туристичка атракција за богатите Мароканци од околината, кои таму одат за да ја доживеат „европската“ зима.

Ифран е изграден од Французите во 1930-тите, во време на протекторатот. Тоа што тогаш ги привлекло Французите е истото што сега ги привлекува Мароканците – студената клима за време на летото и зимата. Во зима, температурите во Ифран често паѓаат и под нулата, а блиските планини се прекриени со снег. Ништо чудно што баш таму е измерена и најниската температура некогаш регистрирана во Африка – -24° Целзиусови.

Ифран бил поставен како „ридска станица“ – студено место каде колонијалните семејства можеле да ги поминуваат летните месеци. Такви има и во Индија, а бидејќи ваквите населби биле наменети за европските иселеници, често биле градени така што да потсетуваат на родните предели. Тоа не се однесува само на архитектурата, туку и на дрвата и другата вегетација која била „увезена“ од Европа.

По независноста од Франција, во Ифран се вселиле марокански семејства. Тие го прошириле градот, изградиле џамија, голем пазар и други објекти. Во 1995 година е отворен и државен универзитет со американски курикулум – престижниот Al Akhawayn University, a Ифран почнува да станува и пожелна дестинација за домашен туризам.

Оттогаш наваму, Ифран продолжува да се развива и како летен, и како зимски ресорт.

- Реклама -