Тетката чие лице никогаш не го видовме

Има два само два вида луѓе на светот. Едните никогаш не гледале „Том и Џери“. Вториот, овие другите, ја имаат гледано секоја епизода по 200 пати. Нема средина.

Пораснавме со Том и Џери. Уште во главата ни се мотаат слики (и спомени) од цели семејства како заедно гледаат и се смеат. Ние децата максимално се соживувавме со потерата. Најмалите се виткаа на подот држејќи се за стомак од смеење. Најстарите си ги покриваа устите со раката за да не им излетаат вилиците.

Навивавме за еден или за друг, некогаш и наизменично, ама ги сакавме сите ликови. Ја сакавме и тетката чиј лик никогаш не го видовме. Не само затоа што беше единственото човечко суштество во цртаниот, туку главно зашто секогаш го млатеше Том, некогаш ни крив ни должен, и му ја спасуваше шијата на Џери. Не ни сметаше што нема глава – бевме деца, и имавме имагинација да си ја замислиме секој како сака.

Но, ете, пораснавме, и прашањето почна да копка. Како изгледа ликот на жената? Зошто „ја кријат“? Која е тетката што се крие зад тој лут црнечки женски глас на Mammy Two-Shoes (како што е позната мистериозната сопственичка на Том во Америка) ?

Е па, еве го одговорот. Мистериозната тетка беше Лилијан Рендолф, која прв пат се појави во прототип цртан со мачка и глушец во кој Том се викаше Џаспер. Големата црна тетка чие лице и глава никогаш не ги видовме беше сопственичка на Том, главно на негово жалење.

Нејзиниот живот се состоеше од чистење низ куќа и закани дека ќе го исфрли Том од дома, било зашто направил беља или е наместен од Џери. Трчаше низ куќа со реплики како „Tom, if you’se in dat icebox… start prayin’!” („Том, ако те најдам во фрижидерот подобро почни да се молиш!“). 

Во многу од епизодите, токму таа беше главниот лик кој изнудува смеење; На пример, кога прв пат го виде Џери, пискајќи се качи на стол, и си ја крена сукњата (и 15-те други подгаќи). Или кога Џери почнува да ѝ ја клати столицата и од џеб ѝ паднаа брич, пар коцки и дијамантски прстен. Тогаш прв пат поблиску ја запознавме и ѕирнавме во делот од нејзиниот живот што никогаш не се обработуваше во цртаниот.

Како и да е, Mammy беше легенда. Од денешен аспект јасно е и дека претставуваше расен стереотип – зборуваше на црнечки и граматички неточен дијалект, но не беше ништо стереотип од било кој друг лик во цртаните од тоа време, како на пример рандом италијански продавач или ирски полицаец. Mammy беше карактерот кој не трпеше глупости, вредно работеше и ги правеше сите епизоди малку посмешни.

Во подоцнежните години, во САД ликовите како тетката од Том и Џери се сметаа за расистички и навредливи. Во 1960-тите Чак Џонс (кој правеше своја Том и Џери серија за MGM) беше викнат за да ги реанимира сцените со Mammy Two Shoes и да ја прецрта како бела жена. Беа снимени и нови вокали (Џун Фореј). Со други зборови, Mammy доби целосна расна шминка, што само се покажа дека е чудно решение за проблем што навистина не ни постоеше. Подоцна се направи компромис за да се задржат снимките и „оригиналната црна Mammy“, но со нова натсинхронизација, овојпат со пограматички точен дијалект (со глас на Теа Видал).

Актерката Лилијан Рендолф, вистинската Mammy Two-Shoes.

На крајот, сето тоа ја направи само помалку смешна. Не дека нас ни беше важен дијалектот, ниту па разбиравме англиски во тоа време, но затоа што Mammy Two-Shoes беше совршено анимиран лик, а Лилијан Рендолф совршено го вметнуваше својот хумор во секоја своја изговорена линија од сценариото.

Патем, името на Mammy Two Shoes никогаш не беше спомнато во цртаниот. Сепак, во една од епизодите, „Saturday Evening Puss“ од 1950 година, можете да ѝ го видите ликот, ако го замрзнете соодветниот фрејм. Погодувате, изгледа луто. Можеби затоа што соседите само што ѝ јавија дека во нејзината куќа некој прави „забава“.

 

Повелете и фрејмот:

 

- Реклама -