Иако едно од предизборните ветувања во југоисточниот регион беше и запирање на работата околу рудниците, инвеститорот на Казандол вчера, преку радио-соопштение, најави дека од денеска, 13 декември, започнува со минирање.
Граѓаните на Валандово и регионот се бесни, бидејќи според постапката, сметаат дека залудни им биле сите напори ова да биде спречено и дека се разочарани што не наидуваат на слух од централната власт.
Во иницијативите за спас на Валандово и целиот југоисток, општо, редовен активист е и градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов, а му се придружија и градоначалниците на Дојран, Гевгелија, Ново Село, Богданци и т.н. Костадинов неодамна изјави дека не ја исклучува можноста за оставка доколку власта остане и понатаму глува за ризикот којшто го носат овие рудници.
Граѓаните од југоисточниот регион сметаат дека ова поднебје е соодветно за развој на земјоделство, а не за рудници.
Она што се наведува како главен проблем од страна на централната власт се потпишаните договори со инвеститорите, но и неодлучноста на централната власт по ова прашање.
Според достапните информации, концесионер на Казандол е „Сардич МЦ“, која што е дел од „Копер Инвестмент“, а инвестицијата ја најави поранешниот премиер Никола Груевски во 2013 година, првично најавена како англиска, па англиско-украинска, за на крај да остане само на украинска.
Сите фотографии се преземени од фејсбук-страницата „Спас за Валандово“