Македонија за влакно ги пропушти трите бода во Шкотска

Македонската фудбалска репрезентација ремизираше (1:1) против Шкотска на „Хампден Парк“, а може да жали затоа што не триумфира. Со еден бод се враќаме дома, но многу долго ќе жалиме затоа што не ги носиме со себе сите три.

Ги надигравме Шкотите, но повторно немавме среќа при ударот на Хасани кој заврши во дирекот, а немавме и реализаторска рутина за да постигнеме гол при фантастичните можности на Агим Ибраими и на Мирко Ивановски.

Шкотска може да биде среќна затоа што мечот заврши со поделба на бодовите, бидејќи не создаде ниту иделна можност пред голот на Мартин Богатинов, а погодокот го постигна по грешка на македонската одбрана. Само една недоволна координираност пред крајот на првото полувреме беше доволна за „Келтите“ да добијат подарок, да излезат сами пред Богатинов и Кени Милер да реализира.


Репрезентацијата на Србија со одлична игра во Нови Сад го декласираше Велс и се искачи на првото место во нашата квалификациска група по две одиграни кола. Избраниците на Синиша Михајловиќ со 6:1 ги совладаа Велшаните, а интересно е дека стрелци беа дури шестмина различни фудбалери: Коларов, Тошиќ, Ѓуричиќ, Тадиќ, Ивановиќ и Сулејмани. Српските медиуми информираат дека ова е најдобрата партија на „Орлите“ во последните три години и дека Михајловиќ е на добар пат да го врати српскиот фудбал на големите натпреварувања.

Прочитајте и:  Бразилски политичар удрил друг со стол за време на дебата

Хрватска повторно одигра анемично и на гостувањето во Белгија, но успеа да извлече реми (1:1). Перишиќ ги доведе „Коцкастите“ во водство уште на почетокот од дуелот, а Жилет пред крајот на првото полувреме го израмни резултатот. Сепак, хрватската јавност повторно упати критики за играта на селекцијата што ја предводи Игор Штимац.

Хрватска, на 12 октомври ќе гостува во Скопје, на арената „Филип Втори“, а македонските фанови се надеваат дека ќе следи наплата на долгот од Загреб, каде „коцкастите“ освоија три бода, а не ги заслужија. Само четири дена подоцна, Македонија ќе ја пречека и селекцијата на Србија, која во моментов е првопласирана на табелата во нашата квалификациска група.

Табела: Србија 4, Белгија 4, Хрватска 4, Шкотска 2, Македонија 1, Велс 0.

Следно  коло (12 октомври): Македонија – Хрватска, Србија – Белгија, Велс – Шкотска.

- Реклама -