Се случи и таа декемвриска ноќ. P15 стана Senna, а P1 од денеска е инфериорен во однос на портокаловиот автомобил од сликата. Замислете, автомобилот (P1) за кој Џереми Кларксон изјави дека е премногу агресивен, да ти бил мало маче во споредба со автомобилот со прозорци во вратите и звучно име. Ајде да одиме систематски.
Во повеќе наврати пишував за McLaren P15, сега веќе Senna. За новите читатели, ова е првиот од двата хипер автомобили од новата генерација на McLaren. Самото легендарно име ви кажува дека автомобилот ќе биде фокусиран на тркачките патеки. Вториот хипер автомобил, BP23 (кодно име) ќе биде реинкарнација на најдобриот автомобил на сите времиња, McLaren F1, и ќе биде фокусиран на долгите писти и компромитирање на Bugatti Chiton.
Уште во Август напишав дека автомобилот ќе биде ултра лесен и нема да биде хибрид. Исто така, кажав и дека ќе биде базиран на моделот 720S, дека ќе има 800 коњски сили и дека дизајнот ќе биде брутален и неверојатно функционален. Изгледа дека сум утнал само за прозорците во вратите, но и тие имаат своја бизарна улога.
Senna е изграден на редефинираната Monocage III шасија од 720S. Направен е целосно од јаглеродни влакна, односно сите компоненти, вклучувајќи ги и надворешните панели се направени од овој благороден материјал. Иако автомобилот во предниот дел наликува на 720S, јасно е дека сите панели, крила и дифузери се додадени и ласерски прецизно вметнати да бидат дел од најсофистицираниот и најкомплицираниот аеро пакет досега. Буквално не може да се најде ниедна рамна или заоблена површина, освен кабината која е во вид на капка, која нема засекувања, отвори или мали дифузери. Ако подобро погледнете, во предниот долен дел ќе видите сини крилца, кои се всушност активни и имаат улога на активна “подна” аеродинамика. Тоа е нешто ново. Со други зборови, Senna е тркачки автомобил кој незнам како добил хомологација да учествува во секојдневниот сообраќај.
Колку е брз Senna? Вечна му слава, тој беше најбрзиот човек кој седнал во болид. Ако судиме по името, најбрзиот автомобил на McLaren би требало да биде еден од најбрзите автомобили на било која тркачка патека. Направен е за да им ги замрси сметките на Mercedes-AMG One, Aston Martin Valkyrie и актуелниот рекордер Porsche 911 GT2 RS. Покрај научно-фантастичната аеродинамика, за таков подвиг е потребен и еквивалентен агрегат. Без размислување, изборот е засилениот 4.0 литарски V8 битурбо (M840T од 720S) кој сега ја има ознаката M840TR, и испорачува 800 коњски сили и 800 Nm на задната оска преку 7 степениот менувач со двојна спојка. Поради сериозната диета на Senna (1198 килограми без клима уред), батериите и електромоторите се вишок. Неофицијално, Senna ќе забрзува до стотка за помалку од 2,5 секунди. Максималната брзина е ирелевантна, бидејќи Senna ќе биде фокусиран на тркачките патеки. За големите брзини, подоцна ќе се погрижи BP23.
Во текот на вчерашниот ден, социјалните мрежи експлодираа од негативни коментари за бизарниот дизајн на McLaren Senna. Кое е моето мислење? Од McLaren изјавија дека овој автомобил е дизајниран да биде функционален и брз, а не многу убав. Убавината и луксузот ќе го красат неговиот брат кој ќе му се спротистави на Bugatti Chiron. Едноставно, ако сите тие отвори и засекувања се затворат, Senna ќе биде во аут.
Дали имате шанса да купите McLaren Senna? Ако го читате овој текст, а McLaren сеуште ве нема контактирано, не! Не грижете се, со 800 илјади евра можете да направите многу попаметни работи. Многу повеќе информации за перформансите на McLaren Senna во Март, по саемот во Женева. За малку ќе заборавев… пред извесно време, слушнав две врапчиња како зборуваат дека се заинтересирани за McLaren Senna GTR, и дека треба да побрзаат, бидејќи ќе бидат направени само 50 примероци, кои нема да имаат право на учество во сообраќајот.
Со Брацо Моралиќ.
Сакаш уште? КЛИКНИ.