Ако прекрасните пејзажи и фасницантните глетки не ви се доволна причина да се преселите во Алјаска – најпространата и најретко населената држава во САД, можеби ќе ве убеди тоа што ќе ви плаќаат.
На секој свој жител сојузната американска држава му исплаќа по 2.000 долари секоја година, и практично без никакви услови. Тоа е дел од Постојаниот фонд за поделба на дивиденди, во рамките на Агенцијата за приходи на Алјаска.
Фондот е воспоставен во 1982 година, со цел државата да се осигура дека идните нејзини генерации ќе имаат бенефит од огромните нафтени резерви со кои располага. Досега, на жителите на Алјаска им се исплатени над 21 милијарди долари.
Сумата што му се исплаќа на секој жител варира од година во година, зависно од вредноста на големата нафтена резерва на земјата. Највисока дивиденда беше поделена во 2015-та, со 2.072 долари по жител. Оваа година дивидендата е 1.100 долари.
Ако ви се чини малку, заборавате еден факт. Дивиденда добива СЕКОЈ жител, вклучително и децата. Тоа значи дека четиричлено семејство годинава ќе добие 4.400 долари, а во 2015-та добило околу 8.280 долари.
Единствените два услова, кои не би требало да се тешки за исполнување, се да сте во Алјаска барем 180 дена во годината, и да не сте осудувани за криминал во текот на претходната година.
Се разбира, не е сé мед и млеко. Најголем предизвик ќе ви бидат ниските температури, лимитираната телефонска и интернет конекција, како и повисоките цени на одредени артикли поради трошоците за увоз. Но за оние кои размислуваат да избегаат од модерново лудило што го викаме живот, дури и ако треба некаде во шума, Алјаска звучи како многу подобра опција.