Америка со сите сили се обидува да го истресе своето расистичко минато од грбот. Алт-левицата отиде и дотаму што почна да го преиспитува моралот на основоположниците на американскиот Устав и американската историја според денешни аршини, и реши дека треба да се отстранат сите споменици на контроверзни ликови. Делумно, тоа и се оствари, а кулминираше со нападот во Шарлотсвил, кога конзервативен белец со кола влета во толпата што протестираше.
Америка може да се маскира колку сака, ама под таа плитка маска лесно се наѕира вистинската историја. Меѓу тие примери спаѓа и прочуениот Централ Парк во Њујорк. Иако од ова што ќе го прочитате ќе видите дека повеќе се работи за богати vs. сиромашни, во примеров линијата е тенка – според денешните критериуми на политичката коректност, лесно може да се смета како продолжение на опресијата против црнците. Еве зошто.
Пред Централ Парк да биде изграден, таа област била дом на развиена (бројна и многу жива) афроамериканска заедница. Населбата се викала Seneca Village.
Сенека Вилиџ црнците ја чувствувале како светилиште. Создадена во 1825 година, населбата се протегала од 82-ра до 89-та улица – тоа што денес е западниот раб на Централ Парк. Таму живееле илјадници ослободени и избегани црни робови, дојдени во Њујорк да бараат прибежиште.
Сепак, после само 20 години, црнците беа приморани да го напуштат и овој свој дом. Зошто? Затоа влијателните и имотните бели жители на Горен Менхетен сакаа да имаат парк.
Сенека Вилиџ била основана од Ендрју Вилијамс и Епифани Дејвис – двајца истакнати црни аболиционисти (поборници за укинување на ропството) кои успеаја да најдат белец волен да им го продаде своето земјиште на црнци. Во тоа време било вистинска реткост за црнците (робови или не) да можат да купат земјиште. Вилијамс и Дејвис биле истакнати членови на New York African Society for Mutual Relief и AME Zion Church, па наскоро регрутирале и други членови да купат земјиште до нивното, исто така.
Полека но сигурно, заедницата и населбата се оформувале. Се граделе домови, некои дури и со амбари и коњски штали. Наскоро имало и три цркви, како и училиште.
Да се поседува земја во Сенека Вилиџ било возбудливо од повеќе причини. Земјишниот имот значел право на глас, но и бегство од крајно сиромашните гета во долен Менхетн. Сенека Вилиџ служела и како станица за „подземната железница“ – мрежа од тајни канали и рути преку кои робовите бегале во слободните американски држави и Канада со помош на аболиционистите. Во својот пик, и подрумите на Сенека Вилиџ служеле како скривалишта за избеганите црни робови.
И додека црнечката населба напредувала, долен Менхетн бил преплавен од мигранти. Богатите и моќни фамилии почнале да размислуваат за преселба во други делови во Менхетн, а најдобар кандидат им се чинел горниот источен дел на островот, директно спроти Сенека Вилиџ. Штом еднаш повеќето богати семејства се преселиле во Upper East Side, почнале да размислуваат и за „поестетски задоволителна“ средина и природа, па набрзо ќе се роди и идејата за Централ Парк.
Инвеститорите во недвижнини многу брзо се закачиле на идејата за ексклузивна заедница која се граничи со пространо зеленило, па почнале полека и да го приграбуваат центарот на Менхетн, каде што се наоѓала и Сенека Вилиџ. Во 1857 година ја добиле битката.
На некои од жителите на населбата им било платено за нивната земја, но на повеќето не. На Ендрју Вилијамс му била платена скоро целата сума, но Епифани Дејвис изгубила над 100 долари (многу пари во тоа време) кога била присилена да се откаже од домот.
Иако приказната на населбата во меѓувреме тлееше во заборав, од неодамна истражувачите и археолозите почнаа да ископуваат одредени делови од локалитетот, во потрага по артефакти кои ќе ја осветлат историјата на Сенека Вилиџ и ќе им оддадат почест на тие што живееле таму.
Во моментов постои само еден мал знак, посветен на луѓето што некогаш тоа тло под Централ Парк го викале дома.
Што се однесува до Американците, имаат два избора: или да „пораснат“ и зрело да учат од историјата, наместо да ја бришат, или според сегашната логика, еден ден да го рушат и Централ Парк.