Една нова студија на американски тим научници сугерира дека не се далеку деновите кога ќе стигнеме до дијабетика – контрола на болеста преку телефон, кога ќе можете да му кажете на панкреасот да го врати нивото на шеќер во нормалата само со еден клик или swipe на соодветната апликација.
„Телата ни се како собите во куќа“, вели Луис Олоа од New Jersey Medical School. „За да можете да гледате кога ќе влезете во темна соба, ви треба електрична енергија за да ги вклучите светлата. Телото ни е како таа соба, и има електрична мрежа што може да биде искористена за да се изманипулира и да се контролира како работи телото“.
Истражувањето покажува дека широкиот дијапазон на процедури со нервна стимулација – од древната традиционална акупунктура, преку помодерната електроакупунктура, па до невромодулацијата (процедура што подразбира имплантирање на електрични направи за да се намали хронична болка, нарушувања во пелвисот или Паркинсонова болест) – можат да бидат корисни и во третирањето на инфламаторни (воспалителни) нарушувања, како артритисот или смртоносните инфекции како сепсата.
Улоа вели дека студијата покажува дека нервната стимулација вродува со терапевтски бенефити во низа ситуации – како колитис, дијабетес, гојазност, панкреатитис, парализа и смртоносни инфекции. Биоелектричната медицина – новата и понапредна верзија на електроакупунктурата, пак, се стреми да третира хронични болести во телото со електрични сигнали преку минијатурни всадувачки направи, со што би се овозможила правилна функција на органите.
„Сé што треба е да го погледнете пејсмејкерот и како им овозможи на луѓето со аритмии да живеат долги животи“, вели Улоа. „Веруваме дека овој тип на медицина може да биде искористен ширум телото“.
Тоа што научниците сега треба да го направат, според него, е да се споредат податоците од овие нервно-стимулирачки процедури со податоците од поновите студии во експерименталните и животинските модели. Во превод, тоа значи да се признаат и прифатат медицинските бенефити од разните процедури кои се сметаат за контроверзни и сомнителни – како акупунктурата.
Приоритет за Улоа е да се направат повеќе студии за да се одреди зошто и како процедурата може да го подобри постоперативното закрепнување, остеоартритисот, мигрените, болките во зглобовите, ударите, пост-трауматскиот стрес и зависностите од наркотици.
„Акупунктурата е користена од над 15 милиони Американци и тешко е да се прогледа низ клиничките импликации на овие методи“, вели Улоа. Понатамошното испитување на техниките за нервно стимулирање ќе доведе до нови и подобри третмани за физичките и менталните здравствени проблеми.
„Отсекогаш верувањето било: Кога си болен, земи апче. Во иднина верувам дека ќе бидеме конектирани со мобилните телефони за да ги контролираме функциите на нашите органи“, заклучува научникот.
Студијата е објавена во „Трендови на молекуларната медицина“.