Три сообраќајки, две со смртни последици

Три потешки сообраќајки се случиле вчера на територијата на Македонија, од кои две се со смртни последици, додека во останатите има потешко повредени.

Сите случаи се пријавени во МВР и внесени во денешниот дневен билтен:

На 25.11.2017 година во 20.00 часот на локалниот пат Струмица-с.Просениково се случила сообраќајна незгода во која П.А. (32) од Струмица, управувајќи патничко возило „Волксфаген Шаран“ со струмички регистарски ознаки, поради неприлагодена брзина кон условите на патот, изгубил контрола над возилото удрил во бетонски столб и метална врата од дворот на поранешен објект на Македонската радио дифузија. Во незгодата сопатникот М.М. (35) од Струмица се здобил со тешки телесни повреди, и на пат за Медицински центар Струмица тој им подлeгнал на повредите. Возачот П.А. и другиот сопатник Р.А. се здобиле со телесни повреди. Тие биле пренесени и задржани на лекување во Медицински центар Струмица. Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и екипа од СВР Струмица.

На 25.11.2017 година околу 13.45 часот на бул. „Гоце Делчев“ во Гостивар, Б.Ќ. (66) од Гостивар, управувајќи патничко возило „Фиат темпра“ со гостиварски регистарски ознаки, удрил во велосипедистот А.Р. (73) од с.Чајле, гостиварско. По незгодата, велосипедистот со такси возило бил пренесен во Медицински центар Гостивар, каде му биле констатирани лесни телесни повреди, но бидејќи не се чувствувал добро бил задржан на понатамошно испитување. По кратко време, А.Р. со болничко возило, бил пренесен во Клиничкиот центар Скопје, каде што на 26.11. во 06.15 часот починал. Увид на местото на настанот извршила екипа од Полициската станица Гостивар. По наредба на Јавен обвинител над телото на починатиот ќе биде извршена обдукција.

Прочитајте и:  „Конзулката од Битола“- интерактивна кукла-робот поставена во Градското шеталиште

На 25.11.2017 година околу 02.30 часот кај Братин Дол во Битола се случила сообраќајна незгода во која Е.М. (23) од Битола, управувајќи патничко возило „Ауди А3“ со гостиварски регистарски ознаки, изгубил контрола над возилото и излетал од патот. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобиле двете сопатнички А.К. (20) од Битола и А.Б. (24) од Охрид. А.К. била задржана во Клиничка болница Битола на понатамошно лекување, додека А.Б. со возило на Итна медицинска помош била пренесена во Општа болница Охрид каде била задржана на понатамошно лекување. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Битола.

- Реклама -