Овој прекрасен концепт е предлогот за Аеродром Лондон Британија. Аеродромот наскоро би можел да стане реалност, ако биде одобрен од британската влада.
Предложениот аеродром би бил алтернатива за уште едно проширување на Аеродромот Хитроу, кој веќе е најпрометен аеродром во светот. Пловечкиот аеродром е дело на архитектонската фирма Генслер, и ако биде изграден ќе биде првиот пловечки аеродром во светот.
Аеродромот би пловел на устието на Темза и би имал централен терминал опкружен со четири писти закотвени на дното од реката. Хитроу моментално има две писти што значи дека предложениот аеродром би бил посоодветен за справување со растечкиот авио сообраќај дури и од реновирана верзија на лондонскиот аеродром.
Аеродромот е само дел од предлогот. Транспортот очигледно би бил сериозен фокус на пловечката структура. Предлогот опфаќа тунел за брза железница под реката која ќе го поврзува аеродромот не само со Лондон туку и со меѓународните железнички линии. Покрај изградбата на новиот аеродром предлогот предвидува и трансформирање на Хитроу во „еко-град“ за 300.000 жители.
Проблемот е што предлогот има доста висока цена, Генслер проценува дека за изградбата би биле потребни 50 милијарди фунти (80 милијарди долари). Високата цена и законските процедури значи дека Аеродромот Лондон Британија најверојатно ќе остане само концепт уште многу долго време. [London Britannia Airport by Gensler]