Океј, излезе дека фенси отклучувачкиот механизам на iPhone X може да биде измамен со маска што е верна копија на твоето лице. Очекувано. Ама освен тоа, друг начин не постои, нели?
Не, освен ако не си син/ќерка и си личиш со родителот кој е сопственик на ајфонот. Порано месецов, Атаула Малик и Сана Шервани откриле дека нивниот 10-годишен син – Амар Малик, може да го отклучи ајфонот на мајка му со самото тоа што ќе влезе во собата и ќе го земе во раце. Според Wired, телефонот се отклучувал во истата секунда, оставајќи ги родителите запрепастени.
„Прво беше смешно, ама после баш и не беше смешно“, вели таткото за Wired. „Жена ми и јас си праќаме пораки цело време, и понекогаш меѓу нив има такви што не сакаме Амар да ги види. Сега жена ми мора да ги брише таквите“.
Кога ќе се размисли каква сé технологија (и колку чини) игра улога овде, прилично лудо е што младото лице на Амар може успешно да го измами Face ID на iPhone X. Face ID работи преку новата фенси TrueDepth камера, која проектира и анализира над 30.000 точки за да направи мапа на твоето лице, истовремено правејќи и инфраред слика (така работи во темница), но и преку неврален енџин кој ја претвора сета таа дата во сложена математичка репрезентација на твоето лице.
Во случајов на Сана и нејзиниот 10-годишен син Амар, очигледно TrueDepth камерата не била доволно прецизна. Ова е надвор дури и од „правилото на близнаци“ (близнак може да го отклучи ајфонот, очекувано); Прво, има голема разлика во возраста. Второ, неговото лице е далеку помало од лицето на мајка му. Трето, и геометријата на нивните лица не се совпаѓа, барем не за човечкото око. Четврто, и невралната мрежа која е тренирана да забележува и да биде отпорна на измама, во ова сценарио не работи според замисленото, пишува таткото на Амар.
Зошто и како Амар успеал да го измами Face ID-то на iPhone X?
Wired смета дека има неколку фактори. Според нив, првиот пат кога Шервани го регистрирала своето лице на Face ID, тоа се случило навечер, додека била дома. Таквиот тип на осветлување може да доведе до тоа системот за фацијална автентификација да биде помалку прецизен и можеби да дозволи слично лице лесно да добие пристап (како во случајов). Откако Шервани го ре-регистрирала лицето, овој пат во поинакво осветлување (веројатно на дневна светлина), Амар веќе не можел да го отклучи.
Овде веројатно игра улога и тоа како Face ID е програмиран да учи од нас. Ако пробате да го употребите Face ID, но ве одбие (било поради чуден агол или некаков генерален мини-дефект на AI-то), и потоа употребите пасворд за да добиете пристап, AI-то е тренирано да го смета тоа свое првично одбивање како грешка, и ќе се обиде да го додаде тој агол од вашето лице кон дигиталната слика што веќе ја има од вас. Со други зборови, Face ID учи од грешките. Иако Малик инсистира дека Амар не го допрел ајфонот пред да се отклучи пред него, можно е Амар да го знаел пасвордот на мајка му, ако баш и не се потрудила.
Како и да е, во обемната листа на информации на Apple околу Face ID, пишува вака:
„Шансите дека рандом лице од популацијата ќе може да погледне во вашиот iPhone X и да го отклучи преку Face ID се околу 1 во милион (наспроти 1 во 50.000 кај Touch ID). Како дополнителна заштита, Face ID дозволува само пет неуспешни обиди за совпаѓање, по што задолжително ќе ви побара passcode. Статистичката веројатност е различна кај близнаците и роднините кои личат на вас, како и кај децата на возраст под 13 години, бидејќи нивните фацијални карактеристики може да не се сé уште целосно оформени“.
Главното овде, пишува таткото на Амар во својот LinkedIn пост, е дека сосема очекувано е една мала мејнстрим потрошувачка направа како што е смартфонот да има лимитации во тоа да овозможи вистинска биометриска безбедност. Треба тоа да се разбере, и да се користи уредот имајќи го тоа во предвид.