Данска и „проблемот“ со вечните студенти

Често пишуваме за западна Европа и скандинавските земји како да се рајот на Земјата, но само затоа што има многу што да научиме од нив. Тоа не значи дека во нивниот универзум нема одредени помали или поголеми дефекти, макар што, добар дел од нив произлегуваат токму од премногу благосостојба. Таков е и овој на Данска за кој ќе зборуваме сега.

Данска е една од малкуте земји кои нудат бесплатно високо образование. Студентите во Данска уживаат огромна слобода од долгови и притисок да дипломираат во најкраток можен рок.

Тоа звучи супер, но сé повеќе Данци, особено постари граѓани кои веќе се дел од пазарот на трудот, сметаат дека таквата слобода кај 20-годишниците постепено го елиминира суштинското чувство за тоа дека треба да се стане возрасен. Поконкретно, Данска се соочува со растечкиот проблем на вечни студенти – млади луѓе кои студираат по 6 и повеќе години без сериозни планови да дипломираат, но константно се префрлаат на разни студиски програми. Во Данска ги викаат „evighedsstuderende“. Ваквите студенти, се смета, се директен резултат на немањето финансиска нужност да се напушти факултетот што поскоро.

Амандманот што треба да го мотивира вечниот дански студент

Со години и години, Данска имаше програма што на студентите им одобруваше месечен грант од 850 евра за покривање на трошоците за живот. Тоа им дозволуваше на младите кои студираат да останат во еден вид на една статус-кво состојба, без вистински да ги разгледуваат можностите за својата иднина.

Сепак, во 2015-та данската влада изгласа амандман со кој на универзитетите им се даде поголема моќ да ги „подбуцнуваат“ студентите кон дипломирање. Тогаш илјадници студенти протестираа против амандманот, со образложение дека им ги одзема слободите. Поддржувачите, пак, проценуваа дека амандманот ќе донесе повеќе пари во буџетот (околу 226 милиони евра), и дека ќе го направи универзитетскиот систем поефикасен.

Прочитајте и:  Младата поетеса Пауновска, во Данска направи промоција на книгата поезија „Нецелосна“

Вистината е дека и денес многу од данските студенти остануваат по година и пол подолго на студии отколку што би требало, колку што беше просек во моментот на донесување на амандманот. Да, бројот на вечни студенти е намален, но далеку се од исчезнување. Покрај „evighedsstuderende“, Данците имаат и друг сличен израз – „fjumreår“, кој се однесува на годините што ги поминуваш во заебавање наоколу, кога не правиш ништо суштинско. Имено, меѓу данските студенти тој тренд останува – многу од нив се запишуваат на студии, слушаат и положуваат неколку семестри, па потоа прават пауза за да го шетаат светот, или барем Европа.

Во секој случај, не сите Данци сметаат дека бесплатното студирање, дури и во таква форма како пред амандманот, имало негативен ефект. Еден од тие е 24-годишниот Даниел Боруп Јакобсен; дипломирал не многу одамна, а сега е заменик претседател на сотверска компанија. Според него, бесплатното студирање нема никаква врска со тоа колку долго се студира:

„Некој што гледа отстрана може да го покрене прашањето дали студентите кои добиваат бесплатно високо образование се подеднакво мотивирани како студентите кои плаќаат за истото. Мојот впечаток е дека мотивацијата да си успешен во своите студии не е воопшто повзрана со тоа дали плаќаш за студиите или не“.

Во ставот на Јакобсон несомнено има дел вистина. Веројатно тој дел е многу поголем во Данска и другите земји со висок стандард, а многу помал кај нас и земјите како нас.

- Реклама -