А мрсен виц во присуство на жена – сексуално вознемирување ли е?

Сексуалното насилство не е секогаш тоа што мислиме дека е; главно зашто секој си мисли што си сака. Дури и развиените, прогресивните и либералните европски општества имаат сосема различна претстава за тоа што може да се дефинира како сексуално насилство или малтретирање со сексуален подтекст.

Доказ за ова е анкетата на институтот YouGov, спроведена во Германија, Франција, Велика Британија, Данска, Шведска, Норвешка и Финска. Што точно прашува анкетата? Во прашалниците се опишани разни ситуации и примери за однесување кон жена. Проценката за тоа дали во примерот станува збор за сексуално насилство/вознемирување, или не, е целосно оставена на испитаниците.

Резултатите се мошне интересни.

Кај сите анкетирани националности, постои заедничко мислење дека е целосно неприфатливо „маж да фотографира жена под здолништето“ или „маж да ги разголува гениталиите пред некоја жена“. Во секоја од земјите, најмалку 90% се согласни – ова се примери на сексуално вознемирување.

Кога се работи за однесувањето на мажите при танцување или раскажување вицови, разликите веќе стануваат поочигледни. Физичкиот контакт меѓу маж и жена при танцување на забави или во ноќните клубови, за сексуално насилство го сметаат 82% од анкетираните Британци. Кај другите, процентот е нешто понизок: кај Швеѓаните и Норвежаните – 73%, а кај Французите 71%. Кај Германците, меѓутоа, само 50% сметаат дека допирањето на телата при танцување е сексуално вознемирување. И Финска има полиберален однос кон прашањето.

Кога станува збор за хуморот и смислата за хумор, разликите стануваат уште повидливи. Мрсните вицови во присуство на поженскиот пол (дека ако речеме „понежен“ одма сме мизогинисти; плус вака ги опфаќаме сите меѓуполови што натежнуваат кон женски) се вид на сексуално вознемирување кај само 17% од Данците. Со тоа се согласуваат 35% од Германците, а 38% од анкетираните Швеѓани. Најстрог став кон мрсните вицови имаат во Велика Британија – 69% (ироничен процент, нели?), и Финска – 67%.

Прочитајте и:  16 дена активизам против родово базирано насилство - “Лузни на издржливост, гласови на надеж”

Во продолжение, близу половина од Швеѓаните сметаат дека е целосно недопустливо маж да зјапа во градите/деколтето на една жена. Французите повеќе се загрижени кога маж ќе ја стави раката на половината на жена.

Анкетата покажува и дека младите жени се многу посклони да решат дека биле жртва на сексуално насилство/вознемирување, во споредба со повозрасните жени. Податоците покажуваат силна корелација меѓу возраста на една жена и тоа дали го смета подсвиркувањето или намигнувањето на мажите за допустливо.

Анкетата е спроведена во октомври 2017-та, врз вкупно 8.490 испитаници: 2.775 Британци, 1.680 Германци, 910 Французи, 912 Данци, 917 Швеѓани, 924 Финци и 372 Норвежани.

Сумирано, анкетата покажува дека некои народи имаат сериозни потешкотии да дефинираат што точно е, а што не е сексуално вознемирување или насилство. За разлика од повеќето испитаници, Британците имаат најстроги ставови околу неприфатливоста на одредено однесување кон жените.

Меѓу причините за колебливиот однос кон сексуалното вознемирување, се наведува во студијата, можеби има удел и тоа како полицијата и судскиот систем се однесуваат во ваквите случаи. Долги години таквите престапи беа маргинализирани, а жртвите (условно речено) беа невидливи за општеството.

- Реклама -