Резултатите од студијата на Центарот за истражување и лечење на гојазност на САД, покажуваат дека возрасните луѓе во 1970-тите ем јаделе повеќе храна, ем помалку вежбале, ем не се гоеле во толку голема мера како денес.
Луѓето од последниве децении, пак, кога внесуваат идентична количина калории и физички се активни колку што биле луѓето во ’70-тите, имаат сериозни проблеми со вишокот килограми.
Во студијата била следена исхраната на 36.400 Американци во периодот од 1971 до 2008 година, како и физичките активности на 14.419 Американци во периодот меѓу 1988 и 2006 година. Сумирано, резултатите покажуваат дека дури и кога луѓето што денес се хранат и вежбаат како тие во минатиот век, сепак се 10% погојазни.
Наспроти најчестата мантра, студијата наведува дека во одржувањето на саканата телесна тежина има многу повеќе отколку воспоставување на рамнотежа меѓу внесените и согорените калории. Според истражувачите, главните виновници за гојазноста се загадувачите, антибиотиците и пестицидите во различните видови храна – кои влијаат на хормонските процеси одговорни за телесната тежина.
Се наведува дека важна улога има и начинот на живот. Не, не седењето, туку претераната изложеност на светлина во текот на ноќта, како и стресот, но и прејадувањето во доцните часови.
Како причина се наведува и сé почестото консумирање на лекови (како антидепресивите), но и промените во стомачната флора – кои се резултат на зголемената консумација на вештачки засладувачи и месо.