„House of Cards“ е првото оригинално шоу на „Нетфликс“ и истото ќе заврши со емитување во 2018 година, со шестата сезона, пренесуваат светските таблоиди.
Според „Холивуд Репортер“, „Вокс“, „Бизнис Инсајдер“ и други медиуми, „Нетфликс“ вакви планови имале поодамна, но денешното признание на Кевин Спејси, како и обвинувањата за малолетничка сексуална злоупотреба се чини дека ја забрзаа целата таа работа.
„Нетфликс“ и продукциското студио на „House of Cards“ излегоа со соопштение по признанијата на Спејси:
– „Медија Рајтс Капитал“ и „Нетфликс“ се длабоко засегнати од вчерашните признанија на Кевин Спејси. По тој повод, нашите извршни директори заминаа во Балтимор на состанок со екипата, за да се осигураат дека сè е во ред. Според распоредот на снимање, Спејси во моментов не е на сетовите – се вели во соопштението.
Сепак, дали се работи за признанието на Спејси или пак приказната веќе се завршува, останува да се почека официјалниот став на „Нетфликс“ по ова прашање.