Со теоријата на Рамната Земја веќе сме прилично запознаени – нашата планета е, нели, рамна, и постои заеднички напор од повеќе организации (сите светски влади, на пример) тој факт да се скрие.
Сепак, чудно е што баш оваа теорија доби толку многу популарност, особено што во конспираси круговите истовремено се зборуваше и за една друга теорија – теоријата за Шупливата Земја (т.е. Hollow Earth). Велиме „чудно“ затоа што оваа вторава барем не е толку очигледно погрешна – признава дека планетата е топка.
Ако го прашате Родни Клаф – автор на книгата „Our Living Hollow Earth“ и истакнат деец во застапувањето на теоријата, дали Земјата е рамна, на пример, ќе ви одговори со: „Секако дека не. Земјата не е рамна, туку е топка. Ама е шуплива“.
Врз база на неговото истражување, вели, смета дека Земјата (кората, поточно, од надворешната до внатрешната површина) е дебела околу 800 милји, односно ~12.800 метри. Не знаеме дали Родни знае, ама имаме ископано до 12.226 метри, и знаеме дека ни останува уште барем толку за да го пробушиме надворешниот слој на земјата.
Како и да е, теоријата за шупливата Земја има далечни корени во минатото – и античките Грци и христијаните тврделе дека нивната верзија на пеколот се наоѓа внатре во Земјата. Премотуваме неколку илјади години нанапред, до 18-от век, кога астрономот Едмонд Халеј (да, тој со кометата, Халеевата) прогласува дека чудните отчитувања на компасот се поради фактот што планетата е шуплива школка со две внатрешни „школки“ и јадро во центарот.
Денес, иако во сé помал број, сé уште има посветени верувачи во теоријата. Башка тука го имаме и ужасниот филм од 2008-ма, „Патување во центарот на Земјата“ со Брендон Фрејзер, кој практично ја искасапи легендарната книга на Жил Верн.
Науката ни кажува дека Земјата е составена од неодвоиви слоеви, со течна магма околу самото јадро кое е составено од железо и никел. Но ете, застапниците на теоријата за шупливата Земја не се сложуваат.
„Истражувачите всушност имаат отидено таму доле. Некои се имаат вратено за да им раскажат на луѓето што виделе таму, а некои се останати да живеат таму, бидејќи е толку прекрасно“, тврди Родни.
Тој раскажува и за една приказна за еден Германец – Карл Унгер, кој стигнал во шупливата Земја за времето на Втората светска војна. Наводно, Унгер напишал писмо до своите другари на надворешната Земја, за да им каже дека жителите на внатрешната Земја му го одобриле барањето за азил. Писмото:
Значи, да, внатрешноста на Земјата има свои жители. Има неколку варијанти на теоријата за шуплива Земја околу тоа што всушност има во внатрешноста. Но, според Родни и многумина други, таму постои цела друга цивилизација – составена од луѓе високи 2.5 метри, но и џиновски животни, реки, мноштво од егзотични растенија, како и сопствено Сонце. Да, Сонце. Во Земјата.
Родни ја опишува таа внатрешна Земја како „рај“, како „утопија“. Смета дека таа човечка цивилизација е понапредна од нашата, не само од аспект на технологијата, туку и со подлабоко разбирање на музиката, како и со поголема жед за знаење.
Тие знаат сé за нас, но воглавно не сакаат да имаат никаква интеракција со нас, вели теоријата. Сепак, според Родни, многу пиздат (простете на израз) кога тестираме нуклеарки, бидејќи тоа има импакт врз нивниот живот (можеби е како комшии кога ти тропаат на таван, којзнае).
„Има свое Сонце, кое е очигледно помало од нашето, но всушност им изгледа поголемо на жителите, бидејќи е поблиску. А животните, како мамутите, сé уште постојат таму внатре. Сите животни се многу поголеми од овие овде, како и луѓето. Исто така, и половите се обратни – нашиот северен е нивниот јужен, и обратно“, дообјаснува Родни.
„Ако некој може да отиде таму, срдечно му препорачувам тоа да го направи“, порачува Родни. Тој е еден од тие што навистина планираа да одат, заедно со група истомисленици од Voyage to Our Hollow Earth (на сликата). Патувањето беше закажано за 2007-ма година, но, на сечија жал, организаторот на патувањето – Steve Currey, откри дека има мозочни тумори во доцна фаза само на неколку недели пред поаѓањето. Посетата на внатрешната Земја беше откажана, а Кјури почина некој месец подоцна.
А да, заборавивме да ви кажеме како всушност се стигнува таму. Е па, наводно има отвори на површината на „нашава“ Земја, кои се наоѓаат на северниот и јужниот пол. Некои верзии на теоријата велат дека се наоѓаат под арктичкиот и антарктичкиот мраз (и затоа владите не дозволуваат да патувате таму сами).
Кога сликава, наводно направена од NASA, се појави на интернет (главно по заслуга на Secureteam 10 – здружение на љубители на теории на заговор и вонземјани), Hollow Earth-ерите полудеа од радост. Сите беа као, „Ете, ви рековме!“.
И ете, бидејќи не можеме сé да опфатиме, да привршуваме. На крајот се поставува прашањето: Ако ова е вистина, зошто владите би криеле?
„Бидејќи ќе ја изгубат моќта“, вели Родни.
Тој верува дека светот е воден од интернационалните банкари, свештениците (од сите религии) и Илуминатите. Ниедна од овие групи не би поминала со арно кога би се открило дека под нашите нозе се крие цела една цивилизација од суперинтелигентни суштества.
Во меѓувреме, Родни се надева дека еден ќе има шанса да биде дел од експедиција што ќе ја докаже, или барем ќе ја побие теоријата еднаш засекогаш. Дотогаш, продолжува да верува.