Во денешно време, науката е повеќе од било кога вплетена во секојдневието на нашите животи. Како резултат, често ја земаме здраво за готово. Те(к)стов ќе ви покаже дека не треба.
Имено, истражувачкиот центар Pew им постави 12 основни прашања (со по 4 понудени одговори) од областа на науката на 3.278 возрасни Американци. Само 6% одговориле точно на секое прашање. Пред да преминеме на резултатите, ако сакате и вие да се пробате, тестот можете да го најдете на ЛИНКОВ. Доброто за нас и вас е што е на англиски, па можеме да се вадиме дека згрешените прашања погрешно сме ги сфатиле.
Да преминеме на главното. Поентата овде не е она класичното „хаха, колку се глупи Американците“, туку интересните заклучоци.
Како за почеток, охрабрувачки е што повеќето од партиципантите имаат повеќе точни отколку погрешни одговори. 86% од прашаните знаат дека јадрото на Земјата е најжешкиот „слој“ на планетата, а 82% знаат дека ураниумот е елементот потребен за правење на нуклеарни материјали.
Обесхрабрувачко е тоа што само 35% знаат дека гласноста на звукот зависи од амплитудата на звучните бранови. Само 34% знаат дека водата врие на пониска температура кога е на поголема висина.
Интересното, иако е очекувано, е тоа што луѓето со факултетска диплома подобро се покажале на тестот од тие без.
Најинтересното е што знаењата од областа на науката значително варираат меѓу возрасните групи. На пример, „дури“ 80% од партиципантите на возраст од 18-29 години знаат дека повиците преку мобилните телефони се остваруваат преку радио бранови. Кај возрасната група над 65 години, само 57% од испитаниците точно го одговориле ова прашање. Од друга страна, на прашањето кој ја измислил вакцината за полио, дури 86% од испитаниците постари од 65 години го знаат точниот одговор. Кај испитаниците од 18-25 години, точно одговориле само 68%…
Од Pew Research Center го нагласуваат истото што и многу од професорите и научниците – дека „разбирањето на научните проблеми и концепти меѓу населението е симбол на информирана јавност“. Со забрзаниот развој на технологијата со секоја измината година, разбирањето на научните принципи е поважно од било кога. За среќа, кога не знаеш како светлината поминува низ зголемувачка лупа (што е едно од прашањата во тестот), денес на располагање го имаш Google.