Во малото исландско рибарско гратче Исафјордур (Ísafjörður) живеат само околу 2500 жители. Сепак, комисионерот за животна средина Ралф Трила решава дека на улиците се вози пребрзо и дека мора да се најде иновативно решение за да се забави сообраќајот.
И така, во Исафјордур никнува првата раскрсница со пешачки премин во форма на оптичка илузија. Направен е во соработка со компанијата Vegi GÍH – специјализирана за боење на улици. Градот се надева дека 3Д зебрата ќе игра тројна улога – и на лежечки полицаец, и на уметничко дело, а и на пешачки, нели. Општинскиот совет во моментов чека да види дали експериментот ќе се покаже како успешен. Ако да, ќе се бојат и други пешачки премини низ гратчето.
Инспирацијата дошла од Индија, но вакви пешачки илузии има и во други земји, како Русија и Кина. Сепак, Исафјордур е посебен случај. Не само затоа што е така мало гратче, а гледа кон вака иновативни решенија, туку и затоа што дозволената брзина веќе е ужасно мала – 30 км/ч. Но ете, и тоа било пребрзо за тесните улички, особено во стариот центар на градот.