Градот што се грее на интернет

„The Cloud“, она „облакот“ каде што се зачувуваат сликите што ги постирате на Инстаграм, роденденските честитки што ги оставате на Фејсбук, ТВ сериите што ги стримате на Netflix… не се наоѓа на небото. Не, „облакот“ е вистинско место, каде сето набројано „живее“ во масивни колони од сервери, сите поврзани во редови и кули во уште поголеми хангари.

Малку луѓе имаат влезено во овие дата центри. Еден од нив е Ерин Биба – новинар на BBC, кој не многу одамна го посетил дата центарот во Стокхолм, Шведска. Шетајќи низ лавиринтот од ходници, сфатил дека серверите не служат само за чување на податоци.

Шетајќи низ дата центар, забележуваш неколку работи, вели тој. Воздухот е студен и сув. Нема ни тронка прашинка. Кулите од сервери се прекриени со безброј трепкачки сијалички, а наоколу ретко има луѓе. Секаде по таванот има плочки што по потреба се отвараат, и има снопови од кабли во секоја насока.

Греење на интернет

Сепак, најзабележливото е што е многу гласно. Тоа е затоа што компјутерите се загреваат, и потребни се многу вентилатори (кулери) за да ги оладат доволно за да функционираат без проблеми. Помислете колку само се загрева лаптопот по долга употреба, а потоа помножете го тоа на ниво на цел склад: илјадници компјутери поврзани меѓусебно, вклучени нон-стоп, нон-стоп извршувајќи комплицирани задачи.

Тоа е многу топлина (а топлината е енергија). Премногу за Стокхолм и Шведска да пропуштат да ја искористат и да ја остават да оди „фира“. Наместо тоа, градот ја користи за греење на домовите на своите над 900.000 жители.

Овој конкретен проект се вика „Stockholm Data Parks“. Како се зголемува бројот на бизниси што сакаат да наметнат еколошки имиџ, ама и дополнителен профит, така и проектот сé повеќе расте. Неодамна беше најавено и партнерство со дата центрите управувани од големи меѓународни бизниси, како Ericsson и H&M.

Fortum Värme – локалната компанија за топлификација, клучен играч во проектот.

Еве како функционира ова во Стокхолм. Студената вода се носи со цевки во дата центарот, каде што се користи за да го создаде студениот воздух што го дуваат на серверите за да спречат прегревање. Водата, која при процесот на ладење на серверите се загрева (ја апсорбира топлината, нели), се изнесува преку цевките и оди во централата на Fortum Värme (види слика погоре), од каде се дистрибуира за греење на домовите.

Шведска не е единствената која ја користи топлината од серверите. Помали проекти има и во Финска, САД, Канада и Франција. Но, ова што го прави Шведска – до еден вака голем размер, е прв ваков експеримент без преседан во историјата. Се очекува до 2018-та Stockholm Data Parks да генерира доволно топлина за да може да загрева и до 2.500 домови. Долгорочната цел е уште поамбициозна – до 2035 година да се стигне до 10% од вкупната побарувачка на топлина на Стокхолм. Според „Data Centres By Sweden“ – организација која лансира слични проекти ширум цела Шведска, доволни се само 10 мегавати енергија за да се загреат 20.000 модерни домови. За споредба, просечен дата центар на Фејсбук користи 120 мегавати.

И волкот сит, и овците на број

Најдоброто е што главната мотивација за компаниите да се приклучат кон проектот е финансиска, а не филантропска – ја продаваат топлината што инаку би одела во неповрат, нели. Од друга страна, Fortum ги снабдува со бесплатна вода за ладењето на нивните сервери. Згора на тоа, и шведската влада, воочувајќи ги бенефитите, од годинава ги намали даноците за електрична потрошувачка за дата центрите.

Без дата центрите, ништо од нашите вмрежени направи нема да работи. Што значи дека во иднина ќе се отвараат сé повеќе и повеќе вакви серверски складови. А Шведска сака таа да им биде првиот избор за дом.

[spoiler title=’БОНУС: Колку е зелена Шведска’ style=’default’ collapse_link=’true’]

Шведска имплементира идеи за позелена енергија веќе некое време. Меѓу главните причини е што земјата нема многу природни ресурси – немаат многу фосилни ресурси, нафтени бунари, ни рудници за јаглен. Меѓутоа, Шведска денес има 2.057 хидроцентрали, кои придонесуваат со 40% од потрошувачката на енергија. Остатокот доаѓа главно од нуклеарни централи – енергија од која Шведска се труди сé помалку да зависи; и нешто јаглен – кој го увезува од Русија, а ќе биде елиминиран во следните пет години, веројатно до 2020-та. До 2040-та, Шведска планира да биде 100% независна од фосилно гориво.

Исто така, Шведска речиси и да не создава отпад во вид на ѓубре. Граѓаните рециклираат повеќе од 99% од отпадот на ниво на домаќинство. Само 3% завршуваат на депониите. Земјата гори околу 70% од отпадот за да создаде енергија, а паралелно и увезува отпад од соседните земји за да ја задоволи големата побарувачка.

* * *

Целата сторија за Шведска и дата центрите прочитајте ја во оригиналната статија на BBC Future.

[/spoiler]

- Реклама -