Шведска сé повеќе оддалечува од плаќањето во готово, а сé повеќе користи картички и апликации за мобилно плаќање. Сето тоа ја постави на пат до 2023-та година целосно да го исфрли кешот од употреба, се тврди во една нова студија. Со тоа би станала првата безготовинска земја во светот.
Во извештајот на двајцата истражувачи, од Кралскиот институт за технологија и од Економската школа во Копенхаген, се вели дека за само неколку години Шведска може да стане целосно дигитална, до степен што кешот не само што нема да се користи, туку нема да биде ни прифаќан во продавниците.
Во моментов само 18% од плаќањата во земјата се одвиваат во готовина.
„Ние сме мала земја која долго време има(ла) стабилна демократија. За нас не е проблем дали парите се видливи само на интернет страница“, вели еден поддржувач на новите платежни системи.
Сепак, и покрај досегашните трендови, одредени групи се скептични околу целава „не ни требаат пари од хартија“ работа. Според некои експерти, се работи главно за постарите луѓе, лицата со инвалидитет, имигрантите и малите претприемачи.