Тестовите по интелигенција, како професионалните така и направените од интернет аматери, се популарни бидејќи нудат формула преку која можеш да се споредиш со другите. Луѓе како луѓе, секогаш имаме високо мислење за себе и одвај чекаме да се пофалиме со тоа колку сме над просекот. Во реалноста, сепак, високото мислење за себе најчесто се покажува како фабричка грешка, а и науката не е баш убедена дека интелигенцијата е пресудната „особина“ во која треба да се крстиме. Нејсе, некогаш и шамарите за егото се здрави, па ајде, повелете да се тестираме.
Овој конкретен тест е наречен The Cognitive Reflection Test (CRT) и се смета за најкраткиот од сите IQ тестови; сосема очекувано, бидејќи се состои од само 3 прашања. Тоа му е едната маана; другата му е што не подразбира многу варијација од аспект на вербално/невербално мислење. Во принцип ја оценува вашата способност да увидите дека едноставен проблем може да биде потежок отколку што изгледа на прв поглед. Колку побрзо ќе ги одговорите (точно), толку поинтелигентни сте, наводно.
Чисто за репер, во студија спроведена на над 3.500 луѓе, 33% одговараат погрешно на сите прашања, а 83% промашуваат барем едно. На универзитетот MIT, само 48% од испитаните студенти ги одговориле сите три точно.
Прашањата:
1. Бејзбол палка и топче чинат 1.10 фунти. Палката чини точно 1 фунта повеќе од топчето. Колку чини топчето?
2. На 5 машини им требаат 5 минути да направат 5 гаџети. Колку ќе им требаат на 100 машини да направат 100 гаџети?
3. Во едно езеро, дел од површината е покриена со водни цветови. Секој ден, делот со цветови станува дупло поголем од претходниот ден. Ако на цветовите им требаат 48 дена да го покријат целото езеро, колку долго ќе им треба за да покријат половина езеро?
[spoiler title=’Што најчесто одговараат луѓето: КЛИК’ style=’red’ collapse_link=’true’]
1. 10 пени
2. 100 минути
3. 24 дена
Сите овие се погрешни.
[/spoiler]
[spoiler title=’Точните одговори: КЛИК’ style=’red’ collapse_link=’true’]
1. Топката чини 5 пени, т.е. 0.05 фунти.
Ако топката чини X, а палката чини £1 повеќе, тогаш:
X+£1
значи
Палка+топка=X + (X+1) =1.1
значи
2X+1=1.1, и 2X=0.1
значи
X= 0.05
2. Ќе бидат потребни 5 минути за да се направат 100 гаџети.
Пет машини прават пет гаџети за 5 минути, што значи дека и една машина ќе прави еден гаџет за 5 минути. Оттаму, ако имаме 100 машини и сите прават гаџет истовремено, ќе направат 100 гаџети за 5 минути.
3. Потребни се 47 дена за цветовите да покријат пола езеро.
Ако делот со цветови се дуплира во големина секој ден, тоа значи дека ако ги броиме деновите наназад, површината дупло ќе се намалува секој ден. Значи, ако на ден 48 е прекриено целото езеро, на ден 47 ќе биде прекриена половина од површината.
[/spoiler]