Заборавете на Tesla и BMW i8. Не дека не ги бива, ама мислам дека нема ништо подобро од класичен спортски автомобил. Но, времето си го зема данокот, па затоа овие автомобили, оние кои што се уште се живи, се исклучително скапи и комплицирани за одржување. Но, што е со оние “мртвите” и тие кои сакаат технолошки да воскреснат? Благодарение на ликовите Елон Маск, Мате Римац и слични на нив, мртвите класични спортски автомобили ќе бидат бесмртни. Ве молам, впуштете се во краток флерт со мечтата, и замислете си го вашиот омилен класичен спортски автомобил:
Работи како швајцарски саат, брз, динамичен, еколошки освестен, со убав прегледен дисплеј и можност за поврзување на вашиот iPhone или Samsung (да не се налутат Андроидите). Иднината е тука и сега. Конечно гиковите ќе можат да бидат Хенк Муди од Калифорникејшн, Дилан од Беверли Хилс или бунтовници како Џејмс Дин. 
Jaguar не престануваат пријатно да изненадуваат. Гледаат толку многу далеку во иднината и вложуваат милијарди евра во електрични автомобили, па слободно можам да кажам дека се пионери на стариот “бензиски” континент. За многу кратко време и италијанскиот Maserati ќе се избави од канџите на Ferrari и ќе се приклучи кон визијата на Jaguar. За таа соработка ќе пишувам во некоја наредна епизода. Оваа е резервирана за “воскреснувањето” на еден од најубавите автомобили на сите времиња, Jaguar E-Type. 
Секој од нас барем еднаш има видено или има слушнато за Jaguar E-Type. Легендарниот Енцо Ферари во една прилика има изјавено дека E-Type е најубавиот автомобил во светот. Во работилницата за класични автомобили на Jaguar-Land Rover во Ковентри, една група на ентузијасти се сетиле на зборовите на Енцо и решиле од E-Type да направат Tesla. Добро, можеби ги нема перфомансите на Tesla, но, да бидеме искрени, ни една Tesla нема никогаш да изгледа толку прекрасно. На местото на 1.5 литарскиот бензински V6 мотор, е вграден електричен мотор, кој има идентична маса со оригиналниот и произведува сила еднаква на 295 коњски сили. Моторот го храни 40 Киловатна батерија. Од место до стотка E-Type Zero забрзува за 5,5 секунди, односно многу побрзо од оригиналниот автомобил. Силата која ја произведува електричниот мотор е лимитирана, со цел да се задржи карактерот на класикот и да се заштитат некои богати (глупави) клиенти. Распоредот на масата во автомобилот е идентичен како и кај оригиналот од 68-ма. Дали ви треба нешто побрзо? Никако, бидејќи E-Type е наменет исклучиво за уживање. Засега, уживањето ќе трае прилично кратко (270 километри со едно полнење), но по шест/седум часа полнење, повторно ќе ви биде слатко. Тоа е повеќе од BMW i3 и втората генерација на Nissan Leaf. Суспензијата, сопирачките и однесувањето на автомобилот се идентични со оригиналот, но секако ревидирани и подобрени, односно нови. Единствено нешто што ќе ви фали е звукот од бензинскиот мотор и ауспухот, но од Jaguar велат дека нема да им биде никаков проблем да ви направат звук… Ви текнува на софтверот и звучниците во F-Type? За мене, најинтересна е кабината, каде се спојуваат минатото и иднината. Ретро дрвен волан, многу кожа, старински седишта, менувач и контролна табла од Range Rover и огромен дисплеј преку кој ќе се поврзете со автомобилот. 
Засега E-Type Zero е еден и единствен, но не е прототип и дефинитивно нема да биде последен. Цената на автомобилот е 405 илјади евра, но кога производството на E-Type Zero ќе почне, цената значително ќе се намали. Истото правило ќе важи и за другите класици, односно компаниите кои ќе ги прават (конверзиите) овие автомобили. Доколку имате некој класичен автомобил кој ви е драг и е пред умирање, и имате средства за да вложите во него, најповолно е да се обратите во Rimac Automobili, во Хрватска. Воедно, одлична бизнис идеја за младите претприемачи.    
The King of the Ring: Porsche 911 GT2 RS
На 4-ти јули пишував за Porsche 911 GT2 RS, и ви порачав да не се изненадите од фактот дека најбрзиот 911 ќе биде побрз од Porsche 918 Spyder. Три месеци подоцна, Porsche 911 GT2 RS е најбрзиот сериски автомобил во светот. Уживајте!
https://youtu.be/Fh8_2zQZ3xM
На видеото: Рекордот на Porsche 911 GT2 RS на патеката Нурбургринг Нордшлаифе: 06:47.25.
Со Брацо Моралиќ.
Сакаш уште? КЛИКНИ.