Зошто садо-мазо заедницата го мрази „Педесет нијанси на сиво“

Книгите и филмовите „Педесет нијанси…“ за многумина беа вовед во поавантуристичките активности во спалната, наводно. Но додека и вие самите ја сведочевте популарноста, ликот на главниот карактер – Кристијан Греј, не беше добро прифатен во круговите на BDSM (садо-мазо) заедницата. Зошто?

За почеток, објаснува Лора Хенкок (претприемач и професорка по англиски) на Quora, Кристијан Греј е злоставувач. Ја следи и манипулира Ана. Уште поголема причина за омразата кон филмот е што многу од луѓето што го гледаа, а не знаат ништо за садо-мазо, сега мислат дека тоа што го виделе е тоа што садо-мазото вистински е. Ама не е.

„Кристијан Греј во никој случај не е единствениот малтретирачки настроен лик во новелите со садо-мазо тематика“, вели Лора. „На пример, еден од моите омилени еротски серијали е The Beauty Series од Ен Рајс, во кој практично се зборува за купче секс-робови во замок“. Како што објаснува таа, во овој серијал нема ‘безбеден збор’ (збор кој според договор на партнерите служи како шифра за прекин на акцијата во случај кога на едниот не му се допаѓа), робовите во замокот немаат избор дали да се таму или не (испраќани се како воен откуп), а дури и еден од главните ликови зборува за тоа дека бил повеќекратно силуван при пристигнувањето во замокот.

Во реалниот живот, ова би претставувало грубо кршење на човековите права и би било тотално неетичко. Разликата, сепак, е што никој не го меша овој серијал со реалниот живот. Дури и самата приказна се однесува на главната хероина Beauty, која спие во замокот 100 години и чека да се појави Принцот за да ја раскине клетвата. Со други зборови, од сам старт на приказната веќе сме длабоко во земјата на фантазијата, и никој ова не го сфаќа сериозно. Се работи за чисто фиктивен концепт што никој не мисли дека е реален, бидејќи е очигледно дека не е.

Проблемот со Педесет нијанси на сиво е што луѓето мислат дека е реален. Мислат дека така всушност работи садо-мазото. Педесет нијанси е возможен во реалноста на начин што секс-робовите во рандом замок во кој се играат секс-игри – не се.

Еден од најглупите и најпонижувачки аспекти на книгите е тоа што ‘договорот’ кој го потпишува Ана, без никаква добра причина се третира како да е правно-обврзувачки. Договорите во вистинското садо-мазо никогаш не се. Има видови на правно-обврзувачки договори за врски, ама обично ги викаме брак. Затоа и постои разводот, бидејќи треба да се поништи легалниот документ.

Ама садо-мазо договор? Глупости. Во најригорозен случај може да се работи само за листа со насоки и наведени желби на парнерот. Плус, реалниот садо-мазо ‘договор’ е отворен за нови преговори во секое време, дури и во средина на акцијата. Ако потчинетиот партнер го каже ‘безбедниот збор’ дури и во пикот на играта, ти под итно застануваш. Нема тука „Ааа не може, во параграф 34.5а потпиша дека се согласуваш на ова, е па тоа ти е, нема назад“.

Садо-мазото не работи така. Секој доминантен партнер, кој по природа не е злоставувач и ѓубре од карактер, е целосно свесен дека токму потчинетиот е тој што ја има контролата врз сцената. Можеби движечката сила на играта е доминантниот, но потчинетиот ги влече сите конци. Ако речат „стоп“, застануваш. Готово е, завршува.

Проблемот со Педесет нијанси е што на луѓето им се сервира дека начинот на Кристијан Греј (кој е обратен на ова горново) е вистинскиот начин на кој треба да се однесуваш во садо-мазото; практично да си серко кој ги преминува границите на партнерот и поминува неказнет затоа што е згоден и богат.

Не дека сите садо-мазо луѓе се добри луѓе. Има и такви кои се во садо-мазото зашто се наклонети кон злоставување на другите. Ама во реалноста нема да им помине само зашто им успеало на Кристијан и Ана. Тоа нивното е само на филм.

Како шлаг на тортата, ликот на Ана во почетокот е девица. „Човече…“, реагира Лора. „Како по ѓаволите е можно таа да прави избори базирани на вистинска согласност, кога воопшто претходно нема пробано ни обичен (изразот за нешто обично е „ванила“) секс? Како ова се поистоветува со информирана одлука? Дури и ако фантазираш одредени активности – како тоа да те камшикуваат, на пример, не значи дека стварно ќе ти се допаѓа во реалниот живот“.

Проблемот не е што Педесет нијанси е нереалистичен. Има многу нереалистични книги во светов. Проблемот е што Педесет нијанси е доволно блиску до реалноста за луѓето да мислат дека е реалност. А тоа е опасно. Особено за садо-мазо луѓето, кои директно учествуваат во такви „ризични“ сценарија.

- Реклама -