Студијата за пиратеријата што ЕУ „заборави“ да ја објави

Во 2015-та, Европската комисија плати 360.000 евра за студија околу тоа како пиратеријата влијае на продажбата на музиката, книгите, видео игрите и филмовите со заштитени авторски права. Студијата беше направена, ама ЕК/ЕУ никогаш не го објавија извештајот. Зошто? Еден од можните одговори, и најверојатен, е дека студијата не најде докази дека пиратеријата е голем проблем.

За студијата беше задолжена холандската фирма Ecory, која по неколкумесечно истражување доставила извештај од 304 страници. Во извештајот се заклучува дека „генерално, резултатите не покажуваат цврст статистички доказ дека продажбите се засенети (или заменети) од онлајн кршењето на авторските права. Тоа не значи дека пиратеријата нема ефект, туку само дека статистичката анализа не покажува со доволна убедливост дека има ефект“.

Не само тоа, туку извештајот покажува и нешто што многу од поборниците за онлајн пиратерија го тврдат – дека илегалното преземање и стриминг всушност може и да ја зголеми легалната продажба на видео игрите. Единствената негативна поврзаност се јавува кај блокбастер филмовите… Резултатите покажуваат стапка на ‘замена’ од 40%, што значи дека на секои топ 10 најнови филма кои се гледаат илегално, четири помалку се гледаат легално“.

Прочитајте и:  ЕУ размислува да го замени рускиот течен гас со американски гас, објави Урсула фон дер Лајен

За студијата се расчу во јавноста откако Џулија Реда – претставник на Германската пиратска партија во Европскиот парламент, го објави извештајот на својот личен блог, откако ѝ било уважено барањето да добие копија од документот – нешто што е гарантирано со европскиот закон за слобода на информација.

Европската организација за дигитални права (невладина, независна од ЕУ) во објавата на својот блог сугерираше дека ЕУ намерно ја заташкала студијата. Тие упатуваат на академскиот извештај на две официјални лица од Комисијата, објавен во 2016-та со наслов „Movie Piracy and Displaced Sales in Europe“, во кој се спомнува само делот од студијата на Ecory околу негативниот ефект на пиратеријата врз продажбата на блокбастер филмови, а се исклучени другите заклучоци. Згора на тоа, во извештајот не се ни цитира студијата на Ecory како извор на информациите, што уште повеќе упатува на тоа дека е намерно заташкана.

- Реклама -