Кој е вистинскиот творец на автоматот Калашников?

Во првите години по Втората светска војна, Русија се обиде да се претстави како лидер во областа на технологијата и науката – Иван Ползунов го измисли првиот парен мотор во Русија и првиот двоцилиндричен мотор во светот, Глеб Котелников го измисли падобранот, Константин Циолковски ја измисли вселенската ракета итн. Секој што ширеше информација која ги оспорува овие тврдења ризикуваше да биде испратен на „обука“ во Гулаг.

На 19 септември годинава, во Москва беше подигнат 9-метарски споменик на Михаил Калашников, а рускиот министер за култура – Владимир Медински рече дека автоматот АК-47 е „културен бренд на Русија“. Од друга страна, во 2006-та година уделот на Русија во светското производство на ова оружје достигнуваше одвај 10%.

Поголемиот дел од автоматите се произведуваат во Кина. Всушност, Русија имаше проблеми да го патентира „Калашников“ сé до 1997 година. Според официјалната историја, токму Калашников е креаторот на автоматот. Тогаш зошто компликации околу патентот, на пример?

Во 1945-та година, кога Втората светска војна беше при крај, најпознатиот германски конструктор на оружје – Хуго Шмајзер, работеше на подобрен дизајн на ново автоматско оружје – StG44 (т.е. Sturmgewehr 44).

На 3 април 1945-тата, американската армија го окупира градот Зул, каде се наоѓаат и работат Шмајзер и неговиот тим. Американците сепак проценуваат дека германското оружје не одговара на нивните потреби. На крајот на јуни истата година, американските војници заминуваат од Зул, а градот го презема Црвената армија.

Русите, за разлика од Американците, сакаат веднаш да се започне со производство на оружјето, производство кое ќе биде наменето за советската војска. Запленети се над 10.700 страници со скици и техничка документација околу оружјето. До август се произведени над 50 парчиња StG44 од веќе готовите делови.

Шмајзер е принуден да работи за Црвената армија и да продолжи со развој на нови оружја. Дури и Сталин се интересира и ќе се информира за спецификациите на новите автомати. Огромниот плус е тоа што се многу лесни за користење. Како резултат, германскиот иноватор и неговите колеги – инженери за оружје, се префлени во СССР во градот Ижевск на планината Урал. Таму се наоѓа центарот за производство на руско огнено оружје. Токму овде се раѓаат и сомнежите дека автоматот АК-47 е дело на Шмајзер, а не на Михаил Калашников.

Прочитајте и:  Русин осуден на 14 години затвор за испраќање видеа од руската армија на Украинци
АК-47 vs. StG44 (доле)

Повеќето документи од тој период (1946-1952) се класифицирани како врвна тајна и до нив нема пристап, а и самата работа на Шмајзер во Ижевск е обвиткана во тајни. Сепак, постојат одредени факти.

За почеток, во 2009-тата, дури и самиот Калашников призна дека Шмајзер „му помогнал“ со дизајнот на оружјето. Интересното е што нема како Шмајзер да му помогнал на Калашников. Во периодот кога германскиот инженер и иноватор работи во Ижевск, Калашников е постар водник без специјализирано инженерско образование, а се смета дека АК-47 го развива во трите години од 1945-та до 1947-та, на сосема друго место – во градот Ковров.

Неколку комитети го отфрлаат дизајнот на Калашников како неприфатлив и неуспешен. Само што, освен што Михаил бил  самоук механичар, во тој период е и лидер на месната организација на младите комунисти. Со други зборови, никој не може да го разреши туку така, и покрај обвинувањата дека е неспособен.

Наместо тоа, во 1947 година е преместен во Ижевск, токму каде што работи тимот на Шмајзер. Германските инженери инстантно го менуваат (и подобруваат) дизајнот на АК-47. Руските власти брзаат да ги претстават новите автомати како совршена борбена машина на иднината. Фамилијата на Шмајзер, меѓутоа, е поврзувана со нацистите, па Русите категорично се против тоа неговото презиме да биде искористено како име за новото руско оружје. Името на младиот комунист Калашников стапува на сцена како совршена алтернатива, иако тој е дизајнерот на одбиениот оригинален АК-47, пред промените воведени од Шмајзер.

Михаил Калашников, со Калашников.

Во 1952 година, германските инженери се вратени во Германија. Со  исклучок на Шмајзер. Неговиот престој во Советскиот Сојуз е продолжен за уште 6 месеци. По враќањето во Зул тој е одблизу следен службите во Источна Германија, а веќе во 1953-тата умира за време на белодробна операција.

Автоматот Калашников, во меѓувреме, прераснува во најмасовно распространетото оружје во светот; во моментов има околу 100 милиони парчиња. Секоја година, во просек, од Калашников умираат по 250.000 луѓе.

Михаил Калашников, пак, е награден со голем број награди. Во 2009-тата тогашниот претседател Дмитриј Медведев му доделува највисока титула за заслуги кон државата – „Херој на Руската Федерација“. Дали навистина тој е херојот? Ќе мора да го прашаме Шмајзер.

- Реклама -