Throttle/Brake #65: Среќен Роденден Mercedes-Benz AMG

По повод педесет години постоење на AMG, оваа епизода ќе биде резервирана само за “Сребрените Стрели” од Афалтербах. 

Mercedes-Benz AMG GT R Black Series.

Уште еден “Црн Витез” на AMG е на повидок. Зелениот хардкор автомобил, ќе добие похардкор верзија. Ако не сте запознаени со Black Series, тие се најагресивните и најсуптилните пуристи во Mercedes-Benz. Но, зошто токму сега се појавува AMG GT R Black Series и што би требало да очекуваме? За сите кои се прашуваат зошто Mercedes-Benz ги прави овие потези, одговорот треба да го бараат во Штутгарт. Многу едноставно, ако има Porsche 911 GT3, GT3 RS и GT2 RS, тогаш и нивниот најдостоен ривал би требало да се развива во тој правец. За разлика од GT3 RSи GT2 RS, GT R Black Series најверојатно ќе го има во ограничен број. 

Се сеќавате ли на CLK63 AMG Black Series и CLK-DTM? Епа AMG GT R ќе биде како CLK-DTM, само многу побрз. Колку и да изгледаат идентично двата автомобили (GT R и GT R Black Series), јасно може да се забележи дека кај Black Series, издувните цевки, задниот дифузер и крилото се исти како кај тркачкиот AMG GT4, што значи дека Black Series ќе има многу подобра аеродинамика од “Ѕверот од Зелениот Пекол”. Помала маса? Да! За таа цел, задните стакла се направени од поликарбонат (пластика), а тркалата и многу други компоненти од карбон фибер. Но, најголемото изненадување се крие под хаубата и маскираниот дел. 

Задницата на AMG GT R Black Series.
Mercedes-Benz AMG GT4.

Срцето на овој автомобил ќе биде истото како и кај GT R, односно 4.0 литарскиот, V8, битурбо, но сега наместо 577 коњски сили, ќе има повеќе од 600 коњски сили и минимум 720 Nm. До стотка ќе забрзува за 3 секунди, а максималната брзина ќе ја премине магичната граница од 320 километри на час.

Ќе бидат направени само 200 примероци од зелениот хардкор автомобил, чија цена на самиот почеток од продажбата ќе изнесува околу 200 илјади евра. Поради ексклузивноста на AMG GT R Black Series, се очекува цената да достигне до вртоглави 400-500 илјади евра. 

Кој треба да се “плаши” од AMG GT R Black Series? Многумина веруваат дека овој автомобил ќе биде главниот конкурент на Porsche 911 GT2 RS, но јас мислам дека е апсурдно да се споредува автомобил чија максимална брзина е 320 километри на час, со автомобил кој развива над 330 километри на час на патеката Нурбургринг. Реалноста е дека Black Series е сериозна закана за 911 GT3 RS. 

Mercedes-Benz AMG Project One ќе развива преку 350 километри на час!

Ексклузивно: задниот дел на AMG Project One

На 11-ти Септември, на педесеттиот роденден на AMG, ќе биде претставен најдобриот сериски автомобил на Mercedes-Benz на сите времиња. Првиот сериски автомобил придвижуван од Formula 1 агрегат. 

Но, од моите релевантни извори добив информација дека не било се така розево при создавањето на најдобриот AMG хипер автомобил. Имено, кога Project One за првпат им бил покажан на среќните купувачи, многумина негодувале за дизајнот на хипер автомобилот, па затоа истиот бил “редизајниран”. Дали тој редизајн ќе има голем импакт врз перформансите на автомобилот, останува да почекаме и дознаеме во Понеделник. 

Станува збор за првиот автомобил со вграден мотор од Formula 1, хибрид, со повеќе од 1000 коњски сили, погон на сите четири тркала, неверојатни перформанси и звуци. Моторот на автомобилот ќе почнува со работа при екстремно високи 4000 вртежи во минута, а максималниот број на вртежи ќе достигнува 11.000. Сега и официјално, Mercedes-Benz AMG CLK-GTR може да замине во легендите. 

Видео: Официјалниот тизер за AMG Project One.

Најдоброто од Mercedes-Benz AMG.

1971 6.8 SEL “Red Pig”
1974 300 SL Gullwing AMG
1986 AMG Hammer
AMG CLK-GTR
1999-2001 SL 73 AMG
AMG CLK-DTM
SLS AMG Black Series
C63 AMG Coupe Black Series
G63 AMG 6×6
AMG GT R

Со Брацо Моралиќ

- Реклама -