Културата на задоволување на детето во тебе бележи сé поголем пораст, особено во Јужна Кореја.
Денес овие луѓе се вработени, а неретко имаат и големи примања, што им овозможува конечно да си удоволат себе си и да ги набават играчките до кои немале пристап во детството, кога биле целосно зависни од родителите, истакнува јужнокорејската агенција Jonhap, наведувајќи го како главна причина за трендот.
„Тоа е добрата страна на растењето“, вели 28-годишниот Колин Канг, канцелариски службеник во Сеул чија страст се играчките на тема „Војна на ѕвездите“. Канг вели дека играчки набавува преку интернет, ама на класичниот начин – со купување од продавница. Вели и дека со пријателите често оди на изложби на играчки, а дури патува и во странство во набавка на играчките што ги нема во Јужна Кореја.
Играчките, вели, му овозможуваат враќање во среќното и безгрижно детство. „Секоја играчка има своја приказна, и за мене претставува врска меѓу минатото и сегашноста“, вели Канг.
Уште еден Кореец со крвна група тип – „играчки“ е 33-годишниот Квон Сеок-хун, исто така канцелариски службеник од Сеул, кој собира фигури и модели на анимирани (аниме) ликови. Омилен му е роботот Gundam. Тој ужива дури и во самата помисла на купување на фигури од истоимената серија, а уште повеќе ќеиф му прави кога ќе ги донесе дома, ги составува, бои и го разгледува секој детал.
„Кога се довршени, се чувствувам среќно, како да сум се качил на планински врв, и често емотивно се врзувам за нив“, вели Квон. Додава и дека ова негово хоби му го овозможува многу потребниот одмор од професионалниот живот, кој во својата срж носи нужност да се биде подобар од конкуренцијата.
Благодарение на Колин, Квон и сличните на нив, во Ј. Кореја се појави изразот „kidult“, комбинација од kid (дете) и adult (возрасен). Поконретно, изразот означува возрасно лице во чии интереси изразито место завземаат разни фигури од фиктивни ликови, шарени коцки, плишани животни, и со еден збор – играчки кои вообичаено се наменети за деца.
Заедничко за Колин и Квон е што немаат деца, имаат работа што ги исцрпува и имаат плата. Експертите велат дека ваквата склоност кон играчки во зрела возраст им служи како засолниште од често незгодната реалност, овозможувајќи им пријатни фантазии за невозможното. Особен симптом се играчки од херои со натприродни моќи, како Iron Man или Spiderman.
Производителите на популарна електроника и играчки, пак, тријат раце. Како што наведува Jonhap, според Јужнокорејската државна агенција за креативни содржини, пазарот наменет за „големи деца“ т.е. „kidult“-и, во 2016-та вредел 880 милиони долари.