Комшиска куќа на стравот

Во градот Ратомка во Белорусија, на пет километри од Минск, има една куќа од која локалните ги лазат морници. Некои од нив ја избегнуваат по секоја цена, особено ноќе. Децата дури и преку ден. Со раце од скелети што се подаваат од камената ограда, со ѓаволи на кровот и со црни скелети што го сочинуваат покривот на некаква структура со купола, не е ни чудно.

Откако група жители од соседството се пожалија до општинската управа, куќата стана вирална во Белорусија.

„Ја фотографирав со телефонот за да им ја покажам на колегите на работа, а потоа веднаш ги избришав сликите. Не сакам такви ѓаволи во мојата телефонска меморија“, вели извесна Марија Николаевна. „Од далеку куќата изгледа убаво. Внука ми мислеше дека е замок од бајка. Но кога се доближивме и ги видовме рацете на оградата и ѓаволите на кровот, бевме шокирани. Сега веќе не поминувам со внука ми во близина на куќата. Страшна е за деца, а навечер дури и за возрасни, особено кога тие мали метални ѓаволи го рефлектираат светлото“.

Прочитајте и:  Лукашенко: Напад на Белорусија ќе значи почеток на трета светска војна

Првиот комшија си има уште поголема мака. Не само што е прв комшија, нели, туку забележал дека еден од ѓаволите нишани со стрела директно кон неговиот прозор. Оттогаш не е раат.

Инаку, според соседите, сопственикот на куќата е сосема обичен бизнисмен. Почнал да ја гради куќата пред една декада, ама потоа заминал во странство на 8 години. Се вратил пред две години и продолжил со изградбата. Сега куќата е скоро готова. Тоа „скоро“ дополнително ги плаши локалните. Што ако типов додаде уште некој страшен елемент?

Кој ќе го знае што му се врти во главата на сопствеников. Едно е сигурно, хорор фасадата е добар метод за безбедност од крадци. А којзнае, може не планира да живее таму. Може комшиите нешто му згрешиле, па сега вака им враќа…

- Реклама -